Почетна » Здравје » Заболувања » Коронавирус – што претставува, како се пренесува, симптоми, знаци и компликации

Коронавирус – што претставува, како се пренесува, симптоми, знаци и компликации

Медицина

Д-р Марија Михајловска
Доктор по медицина

Новиот коронавирус (CoVID-19) го обиколи светот. До денес, на глобално ниво се детектирани 85.641 случаи распространети на сите континенти на Земјата освен Антартикот, во точно 57 држави ширум светот, од кои 2.933 завршиле со смртен исход. Во нашата држава е потврден еден случај на новиот коронавирус. Повеќе од 97% од сите потврдени случаи се во Кина, додека во Европа, најафектирана е Италија.

Што е коронавирус?

Kоронавирусите се посебна група на RNA вируси кои предизвикуваат заболувања кај животните и кај човекот, а за првпат се откриени во 60-тите години од минатиот век. Своето име го добиле по нивната специфична форма, која потсетува на круна (латински збор corona - круна).

Коронавирусите кај луѓето најчесто предизвикуваат клиничка слика од лесен степен, со симптоматологија која наликува на обична настинка, но во одредени случаи, може да доведат до тешка здравствена состојба со компликации и смртен исход.

Коронавирус

Покрај новиот коронавирус, во оваа група спаѓаат и SARS коронавирусот кој за првпат се појави 2003 година во Кина со стапка на смртност од околу 11% и MERS коронавирусот кој за првпат беше детектиран во Саудиска Арабија во 2012 година со стапка на смртност од околу 37%.

Според досегашните проценки, новиот коронавирус има стапка на смртност од околу 2%. Но, и покрај релативно ниската стапка на смртност компарирано со MERS и SARS, до денес, новиот коронавирус предизвика повеќе смртни случаи од SARS и MERS заедно, најверојатно поради поголемата способност за трансмисија.

Каде за првпат се појави новиот коронавирус?

Коронавирус

Сомнение за новиот коронавирус се постави откако поголем број на пациенти беа дијагностицирани со тешка вирусна пнеумонија за краток временски период во декември 2019 година во Вухан, Хубеи, провинција во Кина. На 9 јануари 2020 година вирусолозите успешно го изолираа и идентификуваа новиот тип на коронавирус, кој потекнува од пазар за диви животни во Вухан.

Овој тип пазари во Кина се познати по тоа што покрај морска храна, се продаваат и живи диви животни. Според кинеската традиција, особено во регионот на Вухан, Кинезите пред да купат одредено диво животно, потребно е да го видат живо и доколку се одлучат да го набават, продавачот го усмртува и го обработува животното пред купувачот. Бидејќи на овој тип пазари има многу усмртени животни кои се обработуваат пред посетителите (отстранување на крзното и кожата, чистење на внатрешните органи итн.), со што се ослободуваат респираторни аеросоли, тие претставуваат идеално место за потенцијална трасмисија на вируси од животните на луѓето. Затоа, овој тип на пазари кои се преплавени со купувачи, се чест извор на зарази. Всушност, опасниот SARS коронавирус во 2003 година кој усмрти стотици лица, исто така за првпат се појави на ваков тип пазар.

Како се пренесува?

Податоците за тоа како се шири новиот коронавирус, во голема мера, се базирани на медицински информации за начинот на трансмисија кај веќе познатите вируси од фамилијата коронавируси кои се слични на новиот вирус (COVID-19). Според тоа, разликуваме:

Tрансмисија од човек на човек

Најчесто преносот на вирусот од човек на човек настанува преку респираторни аeросоли oд заразено лице по пат на кашлање и кивање. Овие микроскопски формации може да се инхалираат во белите дробови или да дојдат во контакт со слузницата во носот или во устата и со тоа да предизвикаат инфекција на други лица. Можност за трансмисија постои и при близок контакт со инфицирано лице на оддалеченост најмногу до 2 метри без да биде присутна симптоматологија.

Коронавирус

Трансмисија од директен контакт со инфицирани површини

Друг начин на пренос е при директен контакт со површини или предмети на кои веќе се наоѓа вирусот и последователно допирање на устата, носот или очите. Според СЗО, сè уште не се знае колку време вирусот може да преживее надвор од „домаќинот“, но се претпоставува дека временскиот интервал е од неколку часа до максимум од неколку дена, во зависност од температурата и влажноста на околината, типот на површината итн. Дел од прелиминарните истражувања укажуваат дека вирусот на метална површина може да опстои до 12 часа, а на ткаенина од 6-12 часа.

Трансмисија од животно на човек

Една од карактеристиките на коронавирусите е тоа што се зоонози. Тие често се пренесуваат и предизвикуваат заболувања кај животните, но во одредени случаи, развиваат способност за пренос од животните на човекот. Такви примери се SARS вирусот во 2003 години, кој потекнува од посебен вид цибетка (диво животно во Југоисточна Азија) и MERS вирусот пренесен на човекот од камили.

Досега, изворот на новиот коронавирус сè уште не е детектиран.

ЗАБЕЛЕШКА: Не можете да се инфицирате со новиот коронавирус од вашиот домашен миленик. Според СЗО, досега во ниту едно испитување не е докажана евентуална можна трансмисија на луѓе од животни кои се чувани како домашни миленици

Кои се симптомите и знаците?

Сè уште не е дефинирано времето на инкубација на новиот корона вирус, но се смета дека може да биде од 2 до 14 дена од експoзицијата.

Коронавирус

Клиничката слика може да вклучува низа симптоми и знаци како:

  • Покачена телесна температура;
  • Сува кашлица;
  • Знаци за горно респираторна инфекција:
  • Диспнеа (отежнато дишење);
  • Мијалгија (болка во мускулите);
  • Замор;
  • Малаксаност;
  • Пневмонија (воспаление на белите дробови);
  • Гадење и повраќање;
  • Главоболка;
  • Хемоптизи (искашлување на крв);
  • Дијареја.

Компликации

Кај oколу 80% од заболените, инфекцијата поминува со лесна клиничка слика. Но, кај oдредени лица може да се јават низа компликации од кои најчесто станува збор за:

Aкутен респираторен дистрес синдром - Досегашните испитувања покажале дека новиот корона вирус има способност да се поврзува со специфичен рецептор кој се наоѓа во клетките од белите дробови. Тоа му овозможува на вирусот да влезе внатре во клетките и да ги стави во функција нивните механизми и „ресурси“ за да се размножува. По извесно време, настанува уништувањето на клетката „домаќин“ и тоа поради две причини: или поради исцрпување на клетката од страна на вирусот или како резултат на имуниот систем, кој го препознал вирусот и го уништува преку напаѓање и убивање на клетката „домаќин“. Oваa состојба кај заболените предизвикува натрупување на течност во малите, еластични респираторни структури на белите дробови наречени алвеоли. Со тоа се спречува размената на гасови, односно се оневозможува премин на кислородот од белите дробови во крвта, а последователно и до останатите органи.

Со оглед на тоа што сè уште нема специфичен третман за новиот коронавирус, освен симптоматска терапија, клучна е навремена превенција. Затоа, следете ги препораките на Министерството за здравство.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20428 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.