Весна Петрушевска имаше тешка година.
Три месеци откако сподели дека ѝ бил дијагностициран рак на дојка, 54-годишната актерка објави дека нејзината ќерка Мина била во кома од која не знаеле дали ќе се разбуди. Неа ја спасила, Моника Милков, која Весна ја прифати како своја ќерка и ја згрижи во 2015 година.
Македонската актерка објави и емотивно видео со фотографии од тешките моменти кога Мина била во болница.
Оваа 2024 беше најтешка од најтешките и најкреативна од најкреативните. Мојата премиера на „Богот на колежот“ на 24 декември во МНТ доаѓа како одговор на сите насилства кои ги преживеав, на сите одлични одлуки кои ги донесов за да прекинам со лоши и токсични луѓе, за мојата борба со ракот и сега кога врват пробите никоја не забележа затоа што театарот е сурова и прекрасна уметност, на мојата најголема љубов Мина ѝ се случи она што на ниту еден родител не посакувам, а тоа е да не знаете дали ќе се разбуди од кома или не. Моника Милков е повеќе од моја ќерка и сестра на Мина и ја спаси.
Снимав спот за претставата со Игор Џамбазов во моменти во кои не можев да стојам на нозе, а истерав до крај. Имам огромна поддршка од мојата екипа. Без оваа претстава немаше да преживеам сигурно. Едвај чекам да дојде Мина и ќе биде со големи букви посветена оваа претстава на мојата хероина.
Со татко ми велевме дека ако немаш судбина, немаш живот. Денес се три години како го нема, тато мислам дека нè чуваш од горе...
Минатиот месец, Весна со порака ѝ го честиташе 20-тиот роденден на Мина.
Мина имаше 9 месеци и 3,5 килограми. Буквално кукла на батерии, да ти е страв да ја гушнеш оти беше порцеланска кукла. Поминавме заедно како за три животи, јас и таа. Но, таа нејзина насмевка ги освојува сите. Кога летово си замина за Дубаи со Мони (третото дете) ми кажа: „Конечно ќе се ослободам од сите што ме гледаа под око и што не ме разбираа. Само ти ќе ми фалиш од Македонија и баба... тато ќе го видам скоро.“ Денес полни 20 години, живее во Дубаи со Моника, оди на работа каде сите ја сакаат оти таа освојува на прва топка. Ова е првиот роденден каде не сме заедно. Ние родителите треба да сме лакот, а децата стрелата. Љубовта е несебична и многу повозвишена од што можеме да претпоставиме. Мина, Минка, Миниминима среќна 20-ка ќерка. Да те немаше пак ќе те пронајдев и пак ќе беше моја ќерка! Убаво да си поминете со Мони и колегите! Ова е твој ден и наздрави за сите нас.
Во септември оваа година, Весна сподели дека се бори со рак на дојка, а еден месец подоцна ја покажа лузната од направената мастектомија.