Анџелина Џоли ја прифати поканата на „Vanity Fair“ да сними едиторијал, а воедно и да сподели повеќе информации за својот нов филм „Unbroken“.
Марио Тестино стоеше зад објективот на белата фотосесија за која Џоли позираше во креации на Gucci, Burberry, La Perla и Max Mara.
На една од фотографиите, на кожата на 39-годишната актерка е испишан текстот со кој започнува бестселерот „Unbroken: A World War II Story of Survival, Resilience, and Redemption“, според кој е снимен најновиот филм под режисерската палка на Џоли.
„Сакам малите деца да го гледаат филмот. Сакам нешто да им однесам на своите деца – животна порака“ – рекла Џоли во интервјуто.
„Unbroken“ е базиран на вистинска приказна за Луи Замперини, американски воен херој заробен и мачен од Јапонците за време на Втората светска војна.
Поттикната од инспиративната животна приказна на Замперини, Џоли силно лобирала неговиот живот да биде прикажан на големиот екран. Откако дознала дека се соседи со непокорниот старец, се зголемила нејзината желба да биде режисерка на филмот. Кога добила зелено светло за започнување на снимањето, таа побарала од Бред Пит да го развее американското знаме во нивниот двор за Замперини да може да го здогледа од својот дом. „Луи, погледни низ твојот прозорец“ – со овие зборови Џоли му ја соопштила среќната вест на големиот херој.
Замперини почина во јули, на 97-годишна возраст, но во последните денови од животот Џоли успеала да му покаже недовршена верзија на „Unbroken“.
За последната средба, Џоли низ солзи коментирала: „Беше екстремно емотивно искуство да гледаш како некој си го гледа сопствениот живот и тоа во моменти кога телото му откажува. И покрај сè, ние се смеевме и разговаравме за неговата мајка. Како човек со силна верба, тој зборуваше за сите луѓе кои веруваше дека ќе ги види на другата страна.“