БРАВО! „Медена земја“ доби две номинации за Оскар.
Македонскиот документарен филм ќе се натпреварува во трката за златна статуетка во категориите Најдобар документарец и Најдобар странски филм.
„Медена земја“ изминатиот период доби многу признанија, па да стискаме палци и да се надеваме дека филмската екипа следниот месец ќе се радува и на Оскар(и).
Режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов и тимот на „Медена земја“ на 7 јануари ја примија наградата за Најдобар документарен филм која ја доделува најпрестижното здружение на филмски критичари во Америка, New York Film Critics Circle.
„Медена земја“ беше прогласен за Најдобар светски документарец на американскиот филмски фестивал „Санденс“.
Филмот освои две награди на Избор на критиката за документарци во САД (Critics’ Choice Documentary Awards). На режисерското дуо му беше доделена наградата за Најдобар прв документарен филм, а на главната протагонистката во документарецот – Атиџе Муратова ѝ беше врачена наградата за Најпривлечен лик во документарец.
На Интернационалните документарни награди во Берлин, доделени им беа две престижни признанија - наградата „Pare Lorentz“ („Паре Лоренц“) и наградата за Најдобра кинематографија.
„Медена земја“ раскажува приказна за Атиџе, последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата мајка во Централна Македонија. Главна идеја на филмот е да се прикаже припадноста на човекот кон природата и нарушување на природната рамнотежа преку судир на два различни начина на искористување на Земјините ресурси.
Трејлер за „Медена земја“
„Медена земја“ е втор македонски филм со номинација за оскаровска статуетка. „Пред дождот“ (1994) на Милчо Манчевски пред 25 години беше номиниран во категоријата Најдобар филм од неанглиско говорно подрачје.
Годинава наградите Оскар ќе бидат доделени на 10 февруари (по наше време).