Сè повеќе личности кои беа во дискотеката „Пулс“ за време на пожарот се охрабруваат да зборуваат пред камера за да раскажат за пеколот кој го поминаа.
Јорданчо Ефтимов од Кочани е еден од преживеаните кои во живо го раскажаа ужасното искуство за Support Kocani, платформа на која и понатаму се собираат средства за повредените и семејствата на починатите. Во видеото, кое е прилично вознемирувачко, тој ги покажа повредите на рацете и лицето и зборуваше за моментот кога успеал да се спаси.
Ефтимов седел на сепаре кое било најоддалечената точка од вратата и вели дека има голема среќа што се спасил.

„Се сеќавам дека имаше луѓе врз мене. Не сум сигурен дали беа живи зашто прилично тежеа и не мрдаа, не се движеа, не зборуваа. Кога ги поттргнав и ја извадив раката, само видов дека се растргнаа луѓето над мене и некој ми подаде рака за да станам“ – раскажа тој.
Тој објасни дека повредите на рацете на жртвите не се затоа што тие се криеле додека излегувале, како што многумина сметаат, туку поради високите температури кои се создале во просторијата.
Следува вознемирувачко видео:
„Многу луѓе мислат дека затоа што сме се криеле додека сме излегувале затоа се изгорениците. Не сме изгорени на рацете поради тоа што се криевме. Никој не е изгорен, барем јас како што мислам, од оган, туку од самата топлина. Без разлика, каде и да сме биле, самата топлина што се создава во просторијата е исто како во фурна кога се пече леб – без разлика каде ќе стои лебот, тој ќе се испече зашто е топло. Самата топлина ни ги изгоре рацете и лицето. На лицето не сум многу изгорен затоа што јас бев потрупан со луѓе, додека рацете ми беа малце повеќе слободни“ – рече Ефтимов.
За среќа, Јорданчо нема изгореници на дишните патишта затоа што бил турнат на подот за време на стампедото и таму можел слободно да дише, бидејќи воздухот бил почист.
Откако излегол надвор, тој бил одведен во болница каде му била укажана помош. Трансплантација на кожа од ногата на рацете му била направена 4-6 дена по пожарот. Тој им се заблагодари на сите доктори, медицински сестри и болничари кои биле со нив 24/7.
За да им помогнете на повредените кои се на лекување, како и на семејствата на починатите, посетете ја страницата на Support Kocani.