Васил Гарванлиев тукушто настапи на евровизиската сцена во рамките на првата полуфинална вечер.
Македонскиот музичар со моќен вокал ја изведе „Here I Stand“. Текстот на песната е дело на Гарванлиев, кој се погрижи и за музиката заедно со Давор Јордановски и Борче Кузмановски.
Видео од настапот
Највпечатлив елемент од стајлингот на 36-годишниот музичар беше маицата декорирана со парчиња огледала кои ја рефлектираа светлината.
За огледалата, како дел од целата евровизиска приказна, Васил изјави: „Целата метафора околу тоа е... Многупати кога луѓето нè напаѓаат, ние сме рефлексија на нивните несигурности. Огледалото е твојот најдобар пријател или најлош непријател. Низ настапот, ја претвораме темнината во светлина. Секоја негативност која доаѓа до тебе, во моментот кога ќе стигне до тебе, ги отвораш рацете и ѝ велиш ‘влези, но ќе те претворам во светлина’“.
Манифестацијата се одржува во Родердам, Холандија, а наскоро ќе дознаеме дали ќе се пласираме во големото финале кое е закажано за 22 мај.