Мајка го доби најубавиот роденденски подарок – здраво бебенце.
Жаклина Челев го роди третото дете на денот на нејзиниот роденден. Родилката од Гевгелија се породи во када покрај сопругот Илија, кој присуствуваше на породувањето во болница „Плодност“ во Битола.
Од болницата споделија фотографии, а и Прим. д-р Таше Трпчевски им испрати честитки на среќните родители кои имаат две мали синчиња.

Денес на наша драга пациентка ѝ посакавме еден посебен среќен роденден на најубав можен начин, момент кој ќе се памети цел живот со најубав роденденски подарок што една мајка може да го добие.
Таа ни ја довери највредната улога на нашиот тим да го води нејзиното трето породување и по втор пат со породување во вода.
Тимот на Болница Плодност со благодарност ја споделува оваа радосна слика како потсетник дека секое раѓање е магично, особено кога станува традиција која продолжува со доверба и радост.
„Браво за таткото којшто присуствуваше на нејзиното породување и го направи најубавиот гест да го одбележат роденденот на сопругата и новороденото во када. Да се здрави и живи. Несекојдневна и ретка роденденска честитка за Гинис“ – напиша докторот Трпчевски.
Среќниот татко Илија се заблагодари на целиот персонал од болницата „Плодност“ за професионалноста и можноста да присуствува на овој специјален момент.
„Врвни професионалци во секој поглед, голема благодарност и пофалба до целиот персонал на болница Плодност! Најголемиот благослов го добивме денес со вашата помош и поддршка! Секоја чест, ви посакуваме уште поголеми успеси во иднина! Воедно ви се заблагодарувам за тоа што ми дозволивте да присуствувам и да ѝ бидам поддршка на сопругата“ – напиша тој.
