Васил Гарванлиев по третпат ќе учествува на Евровизија.
36-годишниот пејач и годинава беше избран од МРТ за да нè претставува на музичкиот натпревар.
„Според јасно утврдените правила од страна на ЕБУ кои ги обврзуваат националните радиодифузери да селектираат нова песна за Евровизија 2021, а самите да донесат одлука дали минатогодишниот претставник ќе остане истиот и годинава, Македонската Радио Телевизија одлучи задачата да ја претстави Северна Македонија на Евровизија 2021, да остане во рацете на Васил Гарванлиев“ – стои во соопштението.
Гарванлиев пред две години застана на евровизиската сцена во улога на придружен вокал на Тамара Тодевска. Минатата година требаше да отпатува во Ротердам за да нè претставува со песната „You“, но настанот беше откажан поради пандемијата со коронавирусот.
„Ретко во животот добиваме не само една туку ТРИ шанси да си оствариме наш сон. Во 2019 гордо стоев зад Тамара, во 2020 ви посветив сè ВАМ, но Ковид рече не! Во 2021 ги користам моето лично патување и приказна за да го ставам моето срце во вашите раце преку мојот глас. Никогаш не престанувајте да верувате, сонувате и да се борите за она зад што стоите во животот. Соништата навистина се остваруваат!“ – пишува Васил.
Допрва треба да биде избрана песната со која Васил ќе настапува во Ротердам. Планирано е двете полуфиналиња да се одржат на 18 и 20 мај, а големото финале е закажано за 22 мај.
Потсетете се на „YOU“ на Васил која беше снимена за минатогодишното издание на Евровизија: