Шенон Доерти отворено зборува за нејзината долга битка со рак на дојка, без да ги заобиколува моментите во кои се чувствувала кревко и емотивно ранливо.
Октомври е месецот посветен на подигнување на свеста за рак на дојка, па тоа ја поттикна 50-годишната актерка да сподели фотографии од лоши моменти за време на лекувањето и да ја истакне важноста на редовните прегледи.
За Месецот за подигнување на свеста за рак на дојка, сакам да споделам повеќе од моето лично патување од мојата прва до мојата втора дијагноза. Дали е сè убаво? НЕ, но е вистинито и се надевам дека со споделувањето, сите ние подобро ќе се едуцираме и ќе бидеме позапознаени со тоа како изгледа ракот. Се надевам дека ќе ги охрабрам луѓето да одат на мамографија, редовно да се прегледуваат, да преминат преку стравот и да се соочат со сè што можеби е пред нив.
Во 2015 година ми беше дијагностициран рак на дојка. Направив мастектомија, примав хемотерапија и терапија со зрачење. Имав многу крварења од носот од хемотерапијата. Не знам дали некој друг од вас го имал истото искуство. Бев истоштена. Си го подобрував расположението со облекување на забавни пижами кои ми ги подари мојата пријателка Кристи. Дали тие навистина ме развеселуваа? Да. Изгледав смешно и можев да се смеам на моја сметка. Пронаоѓањето хумор ми помогна да поминам низ она што изгледаше како невозможно. Се надевам дека сите ќе најдеме хумор во невозможното.
Шенон
Ѕвездата од култната серија „Беверли Хилс, 90210“ дозна дека има рак на дојка во 2015 година, а по тешко лекување, соопшти дека ја победи смртоносната болест. Но минатата година, таа објави дека ракот се врати и е во IV стадиум.
„Ракот се врати... Дефинитивно имам денови кога се прашувам зошто јас. И потоа си велам: ‘Зошто да не сум јас? Кој друг? Кој друг покрај мене го заслужува ова? Никој од нас’ Но, би рекла дека првата реакција е секогаш загриженоста како ќе им кажам на мајка ми и на сопругот“ – рече таа во интервјуто во кое ја соопшти лошата вест.
Иако нејзината тешка здравствена битка продолжува, Шерон продолжува да работи и вели дека сака да ги промени перцепциите кај луѓето за ракот во напреден стадиум.
„Чувствувам како да имам одговорност да зборувам за ракот и можеби да ги едуцирам луѓето повеќе и да им ставам до знаење дека луѓето со рак во 4 фаза се многу живи и многу активни. Мојот сопруг вели дека никој не би можел да каже дека имам рак. Никогаш не се жалам. Не зборувам за тоа. Во овој момент, тоа ми е дел од животот“ – изјави таа.
Минатиот месец, таа напиша на Instagram: „Многу сум благодарна за секој ден. Се будам со чувството дека сум благословена што сум тука.“