Метју Пери е подготвен да ја раскаже неговата животна приказна.
53-годишната ѕвезда од хит-серијата „Пријатели“ раскажа за својата зависност од алкохол и опоиди, кои го довеле на работ на смртта. Пери бил во кома две недели и престојувал во болница со месеци поради перфорација на дебелото црево како последица на прекумерна употреба на опоиди. Девет месеци, тој носел кеса за колостомија.
Во својот мемоар „Friends, Lovers and the Big Terrible Thing“ актерот познат по улогата на Чендлер Бинг напиша дека досега имал 14 операции на стомакот и дека 15 пати бил на рехабилитација низ годините.
„Морав да почекам додека да бидам безбедно трезен и подалеку од активната болест на алкохолизмот и зависноста за да напишам сè. Основното нешто беше што бев прилично сигурен дека ова ќе им помогне на многу луѓе“ – вели Пери.
Кога бил примен во болница со перфорација на цревото, докторите му дале само 2 проценти шанси да преживее.
„Докторите му рекоа на моето семејство дека имам 2 проценти шанси да преживеам. Бев поставен на ЕКМО машина, која го врши целото дишење наместо твоето срце и белите дробови. Тоа се нарекува Аве Марија. Никој не го преживува тоа... Таа ноќ петмина беа поставени на ЕКМО машини и другите четворица починаа, само јас преживеав. Па, големото прашање е зошто? Зошто само јас? Мора да има некоја причина за тоа“ – вели актерот кој додава дека е благодарен што е жив.
Зависноста од алкохол на Пери започнала да се забележува уште од почетокот на снимањето на „Пријатели“ кога тој имал 24 години. „Но, кога наполнив 34 години навистина влегов во многу неволји. Имаше периоди кога бев трезен. Деветтата сезона беше година кога цело време бев трезен. Погодете во која сезона бев номиниран за најдобар актер? Си помислив дека тоа треба да ми каже нешто“ – признава тој.
Во цутот на „Пријатели“ имало моменти кога Пери земал по 55 апчиња „Викодин“ дневно и ослабел 58 килограми. За тој момент, Пери вели: „Не знаев како да престанам. Не можев да престанам, бидејќи болеста и зависноста се прогресивни. Станува сè полошо и полошо како што стареете“.
Лузните на стомакот му се секојдневен потсетник што може да му се случи ако се врати на неговите пороци. „Тоа се многу потсетници за да останам трезен. Сè што треба да направам е да погледнам надолу. Мојот терапевт вели да помислам дека ќе имам кеса за колостомија до крајот на животот ако помислам да земам оксикодон“.
„Се надевам дека луѓето ќе сфатат дека оваа болест може да го нападне секого. Не е важно дали си успешен или неуспешен, на болеста не ѝ е гајле“ – додава Пери.