Вујко без двоумење си ја избричи главата заедно со малата внука која се бори со рак.
Мајката на малата Еми, Мелиса, ги сподели фотографиите заедно со нејзината приказна со цел да ја подигне свеста кај луѓето за ракот кај децата.
Никогаш ја немав видено мојата ќерка ќелава. Еми се роди со глава полна со преубава темна коса. Требаше време за нејзината коса да започне да опаѓа. Наивна бев кога си мислев дека можеби нашето девојче е поразлично. Дефинитивно грешев, бидејќи како што на ракот не му е гајле, така не им е гајле ни на хемотерапиите. Неколку дена подоцна, започнав да гледам како ѝ опаѓаат цели прамени. Стигнавме до момент кога се будеше со коса во устата и тогаш знаев дека е време.
Брат ми беше возбуден што ќе имаат иста фризура. Ја пуштивме омилената песна на Еми и започнавме. Знаете ли што ѝ недостасуваше на Еми кога си ја виде новата фризура? НИШТО. Си ја погали главата и продолжи по својот пат. Децата се навистина извонредни.
Покрај вујкото, косата си ја избричи и таткото Дејвид.
Мелиса ги откри првите симптоми кои ги искусила нејзината ќерка пред дијагнозата:
„Еми уште во февруари започна да покажува загрижувачки знаци како запек, трески, болка во колкот, куцање и промени во севкупното однесување на нашето среќно девојче. Онкологот ни ја соопшти најужасната вест. Еми имаше високо ризичен неуробластом во четврт стадиум и мораше да помине низ 4-часовна операција за биопсија.“
„Ја создадовме оваа страница за да ја подигнеме свеста за ракот кај децата. Тешко е да се проголта ова, но реалноста е дека секоја година, на повеќе од 400 илјади деца низ светот им е дијагностициран рак.“
„Сфаќам дека е тешко да се читаат моите постови, но ја користам оваа платформа како мој дневник. Ова е реалноста на многу родители“ – пишува Мелиса на страницата каде добива огромна поддршка од луѓе од целиот свет.