Фотографија од бебенце кое се смее на последниот ден од хемотерапијата неодамна стана вирален хит на Instagram.
Сега, мајката Дона Кларк ја раскажа приказната за ракот кај едногодишната ќеркичка Софи и апелира родителите да им веруваат на нивните инстинкти ако мислат дека нешто не е во ред со нивното дете.
35-годишната Дона забележала дека нешто не е во ред со нејзината ќерка на почетокот од годината. Малото бебе често се будело навечер и врескало од болка, а исто така не јадело правилно. По неколку месеци поминати во лекарски прегледи на Софи ѝ бил дијагностициран тумор невробластома во грбот и стомакот, а кој се ширел во ‘рбетот.
„Од декември таа си спиеше цела вечер, но во јануари започна да се буди неколкупати во текот на ноќта, а ние не знаевме зошто. Секојпат кога ќе ја седнев исправена, таа се наведнуваше нанапред и плачеше како да е во болка, што ме натера да мислам дека нешто не е во ред. Во март, завршивме на болница шест дена зашто таа само врескаше и ги креваше нозете нагоре“.
„Нè испратија повторно дома и еден месец подоцна, забележав грутка која излезе буквално преку ноќ. Тоа беше голема грутка на грбот. Откако ѝ направија снимка со магнетна резонанца, ни рекоа дека 99% се сигурни дека има невробластома. Следниот ден ѝ направија биопсија и испитувања на коскената срцевина и ја започнаа првата рунда со хемотерапија“ – објаснува мајката Дона.
Софи поминала низ 6 рунди хемотерапија, но и покрај сè, таа не престанувала да се смее.
„Таа само се смееше низ сето тоа, дури и кога крвта и беше многу слаба и имаше трансфузија на крв или сомнеж за инфекција. Можеше да се види дека е во болки, но не престануваше да се смее. Никој во болницата не можеше да поверува дека таа минува низ тоа што го поминуваше. Таа е неверојатна“ – рекла мајката.
„Имаше многу солзи, но поминавме низ сето ова како семејство и тоа уште повеќе нè зближи“ – вели Дона, која има уште две поголеми деца.
Софи ќе треба да има снимања со магнетна резонанца во следните пет години, а Дона им порачува на сите родители да им веруваат на нивните инстинкти.
„Родителите знаат кога нешто не е во ред, исто како што знаевме ние, а ние бевме екстремно упорни. Велат дека невробластомата тешко се дијагностицира, бидејќи е многу ретка, но мораш постојано да се враќаш назад. Тоа е она што ние го правевме и фала му на Бога што го фативме тогаш. Искрено вие го знаете вашето дете, бидете упорни ако чувствувате дека нешто не е во ред. Ние сме среќни што таа го фати многу мала, бидејќи колку постаро е детето, толку полошо може да биде. Но, сè уште има дечиња кои умираат на 18 месеци“ – објаснува Дона.
Мајката вели дека е благодарна што имала огромна поддршка од семејството и пријателите.
„Нивните охрабрувачки зборови ни помогнаа многу и без нивната поддршка немаше да успееме“ – додава таа.