„Facing Chemo“ е проект на фотографот Роберт Хаусер, кој е фокусиран на жени принудени да поминуваат низ хемотерапија.
Моќните портрети прикажуваат какви се последиците од хемотерапијата врз надворешниот изглед, но и врз емотивната состојба на пациентите.
„Овие слики ме принудија да се погледнам себеси искрено и да видам дека сè уште сум убава надворешно. Тоа искуство ми ја врати долго бараната самодоверба“ – изјавила Кристабел (младата жена од првата фотографија).
Фотографот со 25-годишно искуство, изјавил дека проектот „Facing Chemo“ се родил спонтано. „Мојот проект Facing Chemo започна речиси случајно. Фотографирав млада жена за списание кога таа неочекувано ми кажа дека наскоро ќе ја изгуби косата поради хемотерапија. Веднаш сакав да ѝ дадам нешто, нешто што сметав дека ќе ѝ помогне да помине полесно низ процесот, па ѝ понудив да ја фотографирам кога ќе ја изгуби косата. Не бев изненаден кога пет години подоцна ми се јави ненадејно и ме праша дали сè уште важи понудата. Знаев дека фотографиите ќе бидат поразлични, но не бев подготвен за тоа колку реално ќе ја прикажуваат нејзината состојба“ – рекол Роберт во интервју за „Production Paradise“.
Иако „Facing Chemo“ започнал како личен проект на Роберт, тој прерасна во непрофитната организација „Facing Light Foundation“, посветена на лица кои се соочени со голем животен предизвик.