Бинди Ирвин се отвори за здравствените проблеми. Ќерката на „ловецот на крокодили“, Стив Ирвин, откри дека веќе 10 години се соочува со неиздржливи болки поради ендометриоза.
24-годишната девојка објави фотографија на која е во болница и во пораката напиша дека заздравува по направената операција.
Таа ја сподели својата приказна за да им даде надеж на сите жени кои се наоѓаат во слична состојба како неа.
Драги пријатели,
Долго време се борев прашувајќи се дали треба да го споделам ова патување со вас на толку јавно место. Почувствував одговорност да ја споделам мојата приказна за останатите жени на кои им е потребна помош.
Веќе 10 години се борев со несовладлив замор, болка и гадење. Долг беше патот на кој се обидував да останам позитивна личност и да ја скријам болката. Изминатите 10 години вклучуваа многу тестирања, докторски прегледи и снимки.
Еден доктор ми рече дека тоа едноставно е нешто со кое се соочувам како жена и јас комплетно се откажав, обидувајќи се да функционирам со болката. Не најдов одговор сè додека една пријателка не ми помогна да застанам на патот кон враќање на мојот живот. Одлучив да си направам операција за ендометриоза. Одењето на операција беше страшно, но не можев да живеам повеќе така. Секој дел од мојот живот се распарчуваше поради болката.
Да ја скратам приказната, ми пронајдоа 37 лезии, некои многу длабоки и тешки за отстранување и чоколадна циста. Првите зборови на докторот беа ‘Како живееше со толкава болка?’.
За оние кои се прашуваат зошто ги откажував сите планови, не одговарав на пораки и бев отсутна – ја насочував секоја капка енергија во нашата ќерка и семејството.
Нештата може да изгледаат добро однадвор, но не е секогаш така. Ве молам бидете нежни и направете пауза пред да ме прашате мене (или која било друга жена) кога ќе имаме уште деца. По сето она низ што помина моето тело, неизмерно сум благодарна што ја имаме нашата прекрасна ќерка. Таа е чудото во нашето семејство.
Свесна сум дека милиони жени се борат со слична приказна. Постои стигма околу оваа ужасна болест. Ја споделувам мојата сторија за секој што го чита ова и тивко се справува со болка и нема одговори. Ова нека ви биде потврда дека вашата болка е вистинска и дека заслужувате помош. Продолжете да барате одговори.
Бинди има една ќерка со сопругот Чендлер Пауел.
Нејзиниот татко Стив почина на 44-годишна возраст по убод во срцето од риба раја.
Ендометриоза е состојба при која мали делови од ендометриумот (слузницата на матката) ја напуштаат шуплината на матката (cavum uteri) и се прикачуваат на други органи, најчесто во пределот на карлицата.
Март е месец за подигнување на свеста за ендометриозата.