Синоќа, на платото на Вила Водно се одржа специјален настан во чест на групата „Леб и сол“.
Претседателот Стево Пендаровски со „Орден за заслуги за Република Северна Македонија“ ги одликуваше Бодан Арсовски, Кокан Димушевски, Влатко Стефановски и Гарабет Тавитјан за извонредното, автохтоно и уникатно музичко творештво во рамките на легендарната музичка група.
Свечената церемонија ја проследија и сопругата на Претседателот, Елизабета Ѓоргиевска и нивниот син Огнен.
Првата дама, која носеше црн фустан, објави фотографии со семејството и напиша: „Моето сè“.
На церемонијата на доделување на медалите, во своето обраќање претседателот Пендаровски истакна дека музиката, опусот, животното дело на Влатко Стефановски, Бодан Арсовски, Кокан Димушевски и Гарабет Тавитјан се национално наследство кое е одамна впишано во културната и социјалната ДНК на нашата држава, на македонскиот народ и на сите наши граѓани.
„Вашата музика, драги лауреати, во дамарите на македонската душа има митски димензии, затоа што претставува културно наследство со кое се идентификуваа и растеа и сѐ уште растат и живеат генерации Македонци“ - рече претседателот Пендаровски.