И покрај сите потешкотии, многу парови не се откажуваат од желбата да станат родители.
Од болницата „Плодност“ споделија уште една фасцинантна приказна за брачни партнери кои 15 години се борат со неплодност, но сега конечно се на пат да го земат в раце своето мало чудо.
Пациентката минала низ 9 неуспешни инвитро процедури и доживеала 4 спонтани абортуси, од кои последниот во 22-рата недела од бременоста. Но, никогаш не се откажала од својот мајчински сон.
Прочитајте ја целосната објава од реномираната болница за гинекологија и акушерство:
ФАСЦИНАНТНА ИВФ УСПЕШНА ПРИКАЗНА: Кога вербата и упорноста на еден брачен пар ги надминуваат сите пречки на патот за да го остварат својот сон да станат родители!
Пациентка која 15 години се бори за мајчинство, со 9 ин-витро обиди и 4 спонтани абортуси, од кои последниот во 22-та недела, никогаш не се откажа. Секој нов обид, секоја загуба беа само дел од нејзината борба за остварување на нејзиниот сон.
После внимателна анализа на процесите и историјата на овој исклучително специфичен случај, изработивме детален план и решивме да постапиме на следниот начин:
- Замрзнување на ембрионите: Со цел да обезбедиме највисок квалитет и да ја зачуваме генетската стабилност, направивме замрзнување на ембрионите користејќи најсовремени техники, процес кој гарантираше минимално оштетување на ембрионите при одмрзнување и максимални шанси за успешна имплантација.
- Лапароскопски превентивен серклаж: Со оваа минимално инвазивна процедура обезбедивме дополнителна стабилност на грлото на матката, со цел да ја спречиме евентуалната ризична дилатација во текот на бременоста. Оваа техника овозможува побрзо закрепнување и значително ги намалува ризиците од понатамошни компликации.
Создадовме најдобри можни услови за оваа бременост успешно да напредува и веруваме дека ќе успееме да го претвориме најголемиот сон на овој брачен пар во реалност.