Почетна » Здравје » Заболувања » Булимија: Како да си помогнете?

Булимија: Како да си помогнете?

Булимијата претставува сериозно, потенцијално животозагрозувачко нарушување во исхраната. Лицата кои страдаат од булимија редовно се прејадуваат, а потоа на нездрав начин се обидуваат да се ослободат од внесените калории, со цел да избегнат зголемување на телесната тежина.

По епизодите на неконтролирано внесување на големо количество храна, лицата со булимија ја исфрлаат храната со форсирано повраќање или прекумерно користење на лаксативи и диуретици. Некои лица ги согоруваат дополнителните калории со екстремно вежбање.

Доколку страдате од булимија, сигурно знаете колку е страшна помислата дека со секој изминат ден сè повеќе губите контрола над сопствениот живот. Знаењето дека свесно продолжувате да му наштетувате на здравјето, дополнително ги храни стравот и безнадежноста.

Булимија

Следните совети ќе ви помогнат полесно да се справите со булимијата:

  1. Прифатете дека имате проблем. И покрај тоа што гласот на булимијата ви кажува дека патот до среќата и успехот е „идеалниот“ број на килограми, потребно е да соберете храброст и да го направите првиот чекор – да признаете и прифатите дека вашиот однос кон храната е нарушен и не е под ваша контрола и дека ви е потребна помош.
  2. Споделете го проблемот со личност на која ѝ верувате. Сигурно нема да ви биде лесно да зборувате за вашата тајна, особено ако сте ја чувале подолг период. Но, доколку сакате да излезeте од тој „мрачен круг“, потребна ви е поддршка. Затоа, најдете личност од доверба која знаете дека ќе ве ислуша и отворете се.
  3. Избегнувајте луѓе, места и активности кои ве искушуваат. На почетокот од лекувањето најдобро е да избегнувате сè што може да ве врати во рацете на булимијата, како дружење со пријателки кои често се на диета и зборуваат за намалување на телесната тежина, читање на модни и фитнес списанија, отворање на интернет сајтови кои ја промовираат булимијата и нездравото губење на килограми и др.
  4. Откријте ја причината која ве фрлила во канџите на булимијата. Главниот проблем кај луѓето кои страдаат од булимија во основа не е прејадувањето, туку злоупотребата на храната за полесно справување со негативните чувства како бес, лутина, депресија, ниска самодоверба, страв. Затоа, важно е да откриете што ве „јаде“ однатре. Запомнете, „дебелината“ не е чувство. Доколку се чувствувате непривлечни поради прекумерната телесна тежина, запрашајте се што довело до таа состојба, во што навистина е проблемот. Дали сте за нешто вознемирени? Дали сте под стрес? Можеби сте депресивни или се чувствувате осамено? Штом ќе ја откриете причината, ќе можете да пронајдете позитивна и здрава алтернатива за прејадувањето и полесно ќе се справите со проблемот.
  5. Научете да ги победувате кризите. Справувањето со оваа болест во никој случај не е лесно, па затоа откријте го за вас најдобриот начин кој ќе ви помогне полесно да ги совладате кризните моменти. Слушање музика, читање добра книга, правење добро дело, посета на кино, телефонски разговор со најдобриот пријател и прошетка во природа се само дел од активностите кои би можеле да ве извлечат од проблематичниот момент.
  6. Подобрете ја сликата што ја имате за себе. Визијата што ја имате за себеси не треба да се базира исклучиво на вашиот надворешен изглед. Не ги игнорирајте внатрешните квалитети кои ги поседувате. Научете да се гледате себеси во целост, да се сакате и цените на позитивен и балансиран начин.

    • Направете листа со вашите позитивни квалитети. Паметни сте? Лојални? Креативни? Имате смисла за хумор? Напишете ги сите позитивни карактеристики кои ги поседувате.
    • Фокусирајте се на оние делови од телото кои ги сакате. Кога ќе се погледнете во огледало, концентрирајте се на деловите од вашето тело кои ви се допаѓаат, а не на „недостатоците“. И запомнете, никој не е совршен.
    • Дозволете да преовладува позитивниот внатрешен глас. Заменете ги негативните со позитивни мисли. Пример: Мислата „Ќе биде многу тешко да се справам со оваа ситуација” заменете ја со „Можеби ќе наидам на големи предизвици, но ќе најдам решение и ќе се справам со проблемот”. Запомнете, негативните мисли само ја исцрпуваат вашата енергија и ве спречуваат вистински да уживате во животот.
    • Бидете активни. Запишете се на часови по јога, тај чи, практикувајте го вашиот омилен спорт, возете велосипед со вашите пријатели, шетајте во природа... Едноставно уживајте во животот.
    • Разгалете се. Одете на масажа, направете маникир и педикир, купете си нов парфем или припремете си топла бања со купка и миризливи свеќи. Вашето тело го заслужува тоа.
    • Облекувајте се за себе. Облеката треба да направи да се чувствувате пријатно и удобно. Не грижете се што мислат другите.
  7. Научете да се храните здраво. Применувањето на здрави навики во исхраната е клучно за успешна борба против булимијата. Затоа, со помош на нутриционист и доктор направете здрав план за исхрана и придржувајте се кон него.
  8. Побарајте професионална помош. Со цел подобро и полесно да се справите со проблемот, неопходна е консултација со професионално медицинско лице, кое има искуство со лекување на заболувања поврзани со нарушување во исхраната како што е булимијата.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 19732 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.