Кога помислуваме на аерозагадувањето и кои се штетните ефекти што ги предизвикува на нашето здравје, примарно го поврзуваме со заболувањата кои ги засегаат белите дробови и срцето како: ХОББ, чести инфекции на долни дишни патишта, миокарден инфаркт и карцином на бели дробови. Но, сè повеќе истражувања укажуваат дека токсичните честички од загадениот воздух имаат негативен ефект и врз репродуктивното здравје и ендокриниот систем.
![Аерозагадување](/images/articles/31537/01.jpg)
Што се случува со ендокриниот систем при аерозагадување?
Ендокриниот систем го сочинуваат група на жлезди со внатрешно лачење, како што се тироидната жлезда, јајниците кај жените, тестисите кај мажите, панкреасот, хипофизата и надбубржната жлезда, кои создаваат хормони и на тој начин се инволвирани во секојдневните процеси во телото – од регулација на метаболизмот на клетките, па сè до менаџирање на секојдневниот стрес и контрола на репродукцијата.
Загадениот воздух не влијае само на еден орган, како што се белите дробови, кои примарно доаѓаат во контакт со штетните честички, туку предизвикува таканаречен „домино ефект“ и може да ја компромитира функцијата на кој било органски систем во нашиот организам, вклучувајќи го и ендокриниот систем.
![Аерозагадување](/images/articles/31537/00.jpg)
Кога дишеме загаден воздух, штетните честички и гасови, особено ПМ 2.5 суспендираните честички кои се со најмали димензии, навлегуваат преку дишните патишта во крвта и се транспортираат до другите органи, вклучувајќи ги и ендокрините жлезди.
Кога ендокрините жлезди континуирано се експонирани на штетните честички од загадениот воздух, може да дојде до нарушување на нивната функција. Тоа потенцијално би предизвикало низа на проблеми како неплодност, тироидна дисфункција, дијабетес и други метаболни нарушувања.
На кој начин загадениот воздух влијае врз плодноста?
Голем број на студии укажуваат на негативното влијание на аерозагадувањето врз плодноста. Како кај жените, така и кај мажите, загадениот воздух ја нарушува деликатната рамнотежа на хормоните, која е неопходна за репродукција.
Кај жените, изложувањето на штетните честички може да доведе до намалување на квалитетот на јајните клетки, но и да предизвика нарушување на менструалниот циклус. ПМ2.5 честичките може да го зголемат оксидативниот стрес, кој предизвикува оштетување на ДНК (генетскиот материјал) во јајце-клетката и со тоа се отежнува процесот на оплодување. Дел од студиите укажуваат дека жените кои живеат во област со високо ниво на загадување на воздухот, почесто се соочуваат со неплодност и имаат повисока стапка на спонтани абортуси. Исто така, се смета дека штетните честички од загадениот воздух го нарушуваат хормоналниот баланс, односно може да доведат до повисоко ниво на естрогени и тоа да предизвика ановулаторни циклуси.
Кај мажите, негативните ефекти врз плодноста се уште позагрижувачки. Квалитетот на спермата значително се намалува при експозиција на штетните честички од аерозагадувањето. Студиите укажуваат дека се намалува бројот, квалитетот и подвижноста на сперматозоидите, но исто така се нарушува и ДНК (генетскиот материјал). Сите овие промени доведуваат до отежнато оплодување на јајце-клетката.
Кои честички и гасови негативно влијаат врз плодноста и ендокриниот систем?
Постојат различни честички и гасови кои се штетни за нашето здравје, особено врз плодноста, но дел од нив се поопасни компарирано со останатите.
- ПМ 2.5 честички. Фините ситни суспендирани честички ПМ 2.5 се со толку мали димензии, што може да навлезат преку белите дробови во крвотокот и на тој начин да продрат до секој орган. Овие честички носат широк спектар на токсини, вклучително тешки метали, пестициди, индустриски хемикалии. Колку сте повеќе експонирани на овие честички, толку е поголем ризикот за нарушување, не само на вашето репродуктивно здравје, туку и на целокупниот ендокрин систем.
- Азотен диоксид. Азотниот диоксид, кој примарно доаѓа од моторните возила и индустриската активност, исто така се поврзува со намалување на плодноста. Се смета дека предизвикува намален квалитет на спермата, со што се пролонгира времето што е потребно жената да забремени.
- Приземен озон. Озонот, кој од една страна е корисен за заштита од сончевите зраци, може да има и негативен ефект врз нашето здравје, вклучувајќи го и репродуктивниот систем, кога е во долниот воздушен слој (приземен озон). Високото ниво на приземен озон се поврзува со нарушување на квалитетот на јајце-клетките, а со тоа и со предизвикување проблеми при зачнување.
Финално, не станува збор за еден причинител, но комбинацијата од повеќе честички и гасови ги предизвикуваат здравствените проблеми. Најголемо негативно влијание врз плодноста се јавува при кумулативното и долготрајно изложување на овие честички.
Загадениот воздух е фактор и за други хормонски нарушувања
Тироидната жлезда е една од најранливите и најосетливите ендокрини жлезди кога зборуваме за токсичниот ефект на загадениот воздух. Тироидните хормони учествуваат во регулацијата на метаболизмот и се инволвирани во сите клеточни процеси. Штетните честички кои вклучуваат тешки метали, особено жива и кадмиум, може да интерферираат со функцијата на тироидната жлезда и тоа да резултира со хипотироидизам или намалена функција на тироидната жлезда или поретко, хипертироидизам, зголемено лачење на тироидни хормони.
Дел од студиите укажуваат на негативното влијание на аерозагадувањето врз функцијата на панкреасот. Се смета дека честичките на загадениот воздух предизвикуваат воспаление на организмот, со што се нарушува способноста на телото ефикасно да ја обработува гликозата. Поради тоа, панкреасот излачува поголемо количество на инсулин и доколку оваа состојба перзистира, може да дојде до појава на инсулинската резистенција, а потоа и да предизвика тип 2 дијабетес. Инсулинска резистенција, која често се поврзува со синдромот на полицистични јајници, поради нарушување на менструалниот циклус, квалитетот на јајце клетките и процесот на овулација, може да биде причина за неплодност кај жените.
Кои лица се поранливи на аерозагадувањето?
Аерозагадувањето може да предизвика здравствени проблеми кај целата популација, но одредени групи како бремените жени, децата и лицата со хронични болести се поранливи.
Бремените жени кои се изложени на загаден воздух имаат зголемен ризик од предвремено породување, раѓање на дете со ниска родилна тежина и деца кои подоцна би имале проблеми со псохомоторниот развој. Студиите укажуваат дека експонирањето на аерозагадување на бремените жени, се поврзува со зголемен ризик за појава на аутизам кај тие деца понатаму во животот. Сите овие негативни ефекти врз плодот се претпоставува дека во најголема мера се должат на преминување на ситните штетни честички од аерозагадувањето преку плацентата, со што имаат директно влијание врз фетусот.
![Аерозагадување](/images/articles/31537/02.jpg)
Децата исто така спаѓаат во оваа ранлива категорија, бидејќи нивниот организам сè уште се развива и е поосетлив на токсините од аерозагадувањето. Се смета дека загадувањето може да предизвика когнитивни нарушувања и проблеми со развојот кај децата.
Лица со хронични заболувања како астма, автоимуни заболувања и дијабетес имаат зголемен ризик за појава на компликации, како влошување на нивната веќе дијагностицирана здравствена состојба, но и развој на други дополнителни нарушувања.
Како да се заштитиме од несаканите ефекти на загадениот воздух?
- Информирајте се за нивото на загаденост и избегнувајте престој на отворено при високи вредности. Најдобриот пристап за заштита е да ја ограничите експонираноста на загаден воздух секогаш кога ќе бидете во можност. За таа цел, неопходно е континуирано да сте информирани за моменталното ниво на загадување и квалитетот на воздух. Доколку нивото на загадување е многу високо, настојувајте да бидете во затворен простор што е можно подолго.
- Употребувајте прочистувачи со ХЕПА филтер. Употребата на прочистувачи на воздух со ХЕПА филтер, со цел прочистување и на најмалите честички, овозможува подобрување на квалитетот на воздух во затворен простор.
- Носете маски. Реалноста е дека со оглед на секојдневните активности, голем дел од популацијата не е во можност да биде во затворени простории секогаш кога аерозагадувањето е екстремно високо. Во тој случај, доколку имате неодложни обврски и мора да престојувате на отворено и покрај високите вредности на аерозагадување, носете маски кои ќе ги филтрираат и најмалите ПМ 2.5 честички.
- Практикувајте здрава и балансирана исхрана. Исхраната богата со антиоксиданти, како што се овошјето и зеленчукот, може да помогне во намалување на оксидативниот стрес предизвикан од штетните честички на загадениот воздух. Омега-3 масните киселини, кои изобилуваат во лососот и јаткастите плодови, може да помогнат во справување со воспалението. Витаминот Ц, Е и цинкот исто така значително му помагаат на имуниот систем да се справи со слободните радикали.
- Избегнувајте физичка активност во надворешни услови при високи вредности на аерозагадување. Физичката активност е корисна за подобрување на здравјето, но се смета дека штетата што загадениот воздух може да ја предизвика на организамот при вежбање во надворешни услови е поголема, во однос на бенефитот кој би го имале од самата физичка активност практикувана во момент кога загадувањето на воздухот е со енормни вредности. Затоа, настојувајте да не вежбате во надворешни услови во период кога нивото на аерозагадување е екстремно високо.
![Аерозагадување](/images/articles/31537/04.jpg)
Дознајте повеќе во најновата епизода на подкастот „Во добро здравје!“
![Медицина](/images/articles/29341/000.jpg)
Д-р Марија Илијовска
специјалист по ендокринологија
„Њуборн Клиника“