Јован Костадинов е доказ дека меѓу нас постојат вистински херои – тивки, скромни, но подготвени да дадат сè, па и својот живот, за да спасат туѓ.
Младото момче спаси 21 лице од запалената дискотека „Пулс“ во Кочани, а сега раскажа за страшните сцени од кобната ноќ во која згаснаа 59 животи.
Од просториите во кои доброволци ја развиваат платформата за помош на настраданите SupportKocani, Јован видно вознемирен сподели што се случувало. Неговата несебичност и присебност, во моменти кога секунда значеше сè, ни ја враќаат вербата во човештвото.

„Од внатре се слушаше само пискање од женски. Јас зедов една маса и го скршив прозорецот и со цревото прскавме вода внатре. Тие пискаа, ги прскавме со вода 2-3 минути. После јас го зедов цревото, се измокрив, а другите останаа уште да прскаат. Отидов на главниот влез ама таму беа многу заглавени и немаше можност да се влезе.“
„Јас влегов преку прозорецот кој е кај билетите. Во таа соба имаше четири или пет души. Вратата беше заглавена од луѓето што беа натрупани. Ја скршивме вратата и почнавме да ги вадиме еден по еден. Тие што беа најгоре сите пискаа, беа изгорени. Имаше и онесвестени, уште тогаш на почетокот.“
„Додека имаше свесни луѓе, сè одеше побрзо – тие што ги вадиш, сами си излегуваа надвор пред диското. Ама потоа почнуваа да се извлекуваат само онесвестени, почнаа само цели изгорени и едноставно и ти мора да го извадиш до надвор пред диското, на безбедно“.
Јован
Собата била исполнета со густ чад. Откако Јован повеќе пати излегувал и се враќал за да спаси што повеќе лица, започнал да се чувствува лошо.
„Почна да ми се врти, да ми се повраќа од сето тоа што го видов, од сите што плачеа, што пискаа, што беа целите изгорени. Излегов надвор и откако излегов и зедов воздух, ми олесна и паднав на колена. Многу ми се слоши и за среќа имаше некој до мене, ме измија со вода“ – продолжи тој.
Јован им помагал и на повредените пред дискотеката, меѓу кои и на онесвестена девојка која си го проголтала јазикот.
„Таму имаше многу девојки кои лежеа и една знам лежеше на страна и се тресеше. Некој праша кој знае да помогне, бидејќи си го голтнала јазикот. И јас пробав, го фатив јазикот и го повлеков ама не знаев како, досега не сум го правел тоа. Дојдоа докторки ѝ помогнаа, ја измија“ – раскажа Јован.
Потоа Јован бил пренесен во болница. „Таму во болницата беше хаос“ – заврши тој.
Видео
Од иницијативата за помош на настаданите, порачуваат: „Ваквите трауматични раскажувања само ни покажуваат дека донациите ќе бидат потребни и во иднина. Донирајте на supportkocani.com“.