Почетна » Здравје » Совети за здравјето » 10 помалку познати начини за намалување на стресот

10 помалку познати начини за намалување на стресот

Стресот напаѓа на различни начини. Понекогаш нè гризе внатрешно и не ни дава мир, понекогаш нè принудува да ги излееме бесот и лутината врз луѓето кои ги сакаме, понекогаш нè растажува до солзи... Стресот е најголем непријател на физичкото и психичкото здравје, па сите луѓе секојдневно се во мисија да го избркаат овој непожелен гостин од своите животи.

Постојат стотици различни начини за намалување на тензијата и вознемиреноста кои ги носи стресот, но овој пат ви предлагаме да го победите стресот преку неколку помалку познати тактики и трикови, кои вреди да ги пробате.

Жена којашто врискаВрескањето помага да се ослободите од стресот и негативните емоции
  1. Измасирајте си ја вилицата. Кога сме под стрес, несвесно ги стегаме вилиците. Тоа е особено изразено кога „вриеме“ во себе, а се воздржуваме да не ги искажеме своите емоции на глас. Во таков случај, најдобро ќе ви помогне масажа на слепоочниците и вилицата. Поставете ги четирите прсти од рацете (без палците) на слепоочниците и една минута правете кружни движења. Потоа, поставете ги прстите на областа каде што се спојуваат горната и долната вилица и продолжете да се масирате со кружни движења уште една минута.
  2. Вреснете на цел глас. Кога си мислите дека само малку ви е потребно за да експлодирате од стрес, вреснете на цел глас. Викањето и врескањето им дозволуваат на луѓето да ги искажат своите фрустрации. Експертите велат дека притоа во телото се создаваат ендорфини, кои го подобруваат расположението и делуваат како природен анестетик. Не е потребно да сте на планина за да вреснете без воздржување. Вреснете во перница за да го придушите врисокот и да не ги вознемирите соседите.
  3. Масирајте ги ушите. Масажата на ушите ќе ги релаксира мускулите низ целото ваше тело. Со показалецот и палецот на двете раце фатете ги ушните ресички и нежно притиснете ги. Внимателно протријте ги ресичките, а потоа започнете да се движите нагоре по надворешниот „раб“ на ушите. Потоа, придвижете се надолу. Практикувајте ја ваквата масажа 1-2 минути.
  4. Истегнете ги ушните ресички. Со палецот и показалецот фатете ги ушните ресички и нежно протегнете ги надолу. Потоа, започнете да ги движите во кругови во спротивна насока. Направете 10 мали круга. Ваквото движење ќе ви ја подари релаксацијата по која копнеете.
  5. Фатете се за пеглата. Чувствувате како стресот ве гризе однатре? Намалете ја напнатоста со помош на пеглање или диплење на облеката. Фокусирајте се само на она што го правите во моментот и на движењата кои се повторуваат. Така ќе ги стишите гласните мисли во главата кои ви го зголемуваат стресот и ќе им дозволите на едноставните задачи низ домот да ви дејствуваат како медитација.
  6. Почестете се во ф’стаци. Ф’стаците не се толку калорични како другите јаткасти плодови, не содржат многу масти, а се богат извор на растителни влакна. Во стресните периоди хранливите материи од ф’стаците помагаат за намалување на крвниот притисок и за забавување на срцевиот ритам. Но, не треба да претерувате со овие вкусни грицки. Не консумирајте наеднаш повеќе од 50 ф’стаци.
  7. Истресете го стресот. Растресете го вашето тело за да се ослободите од тензијата и негативните емоции. Застанете исправени со малку потсвиткани колена. Опуштете ги мускулите на рацете и започнете прво да ги тресете дланките. Постепено тресењето придвижувајте го нагоре кон лактите и рамената, вратот и главата. Тресењето нека премине во мали потскокнувања в место. Релаксирајте ги мускулите со скокови в место 2-3 минути.
  8. Безгласно кажете си ја азбуката одназад. Дајте му на мозокот предизвик кој ќе бара целосна посветеност. Така ќе можете да се изолирате од негативните мисли и проблемите барем за неколку минути и да го намалите нивото на стрес. Започнете во умот да си ја кажувате азбуката одназад или рецитирајте го текстот на вашата омилена песна. Многу е важно да си поставите задача која можете да ја завршите и која има дефиниран крај.
  9. Држете ја 10 минути раката на вашиот сакан. Побарајте ја раката на вашиот партнер и држете ја десетина минути. Веднаш ќе почувствувате смирување. Истражувањата покажале дека лицата кои остваруваат контакт со саканата личност во моментите на стрес се двојно посмирени од лицата кои не се во допир со саканиот.
  10. Дишете на стомак. Длабокото бавно вдишување и издишување е одличен „лек“ за стрес. Дишењето на стомак е особено релаксирачко, а можете да го практикувате буквално насекаде. Седнете исправени. Едната дланка поставете ја на градите, а другата на стомакот. Вдишете длабоко преку носот, така што ќе дозволите да се дуе само стомакот. Дланката којашто е на градите не треба да се движи. Издишете преку устата, така што ќе ја подотворите само малку како кога свиркате. Направете десетина вакви вдишувања и издишувања.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20917 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.