Денеска започнува 77-мото издание на Филмскиот фестивал во Венеција. Ова е прв голем филмски настан во услови на пандемија.
Кејт Бланчет пристигна во шармантниот италијански град и почитувајќи ги мерките за спречување на ширењето на коронавирусот, носеше марама при близок контакт со други лица.
51-годишната Оскаровка, која годинава е Претседателка на жирито на Фестивалот, позираше пред намалениот број на фоторепортери облечена во модерна интерпретација на класичната комбинација со сако и елегантни панталони.
Тилда Свинтон, која ќе ја прими наградата за животно дело, исто така беше фотографирана по пристигнувањето во Венеција.
За одржувањето на најстариот фестивал е предвидено да се почитуваат строги мерки, како постојано мерење на телесната температура на гостите, одржување на физичка дистанца, контролни тестови кои се задолжителни и по неколкупати за присутните од земјите надвор од Европа и од земји како Шпанија.
Фестивалот, кој ќе биде отворен со италијанскиот филм „The Ties“ (Lacci), ќе трае до 12 септември.