Џон Бон Џови ѝ приреди огромно изненадување на супер обожавателка. Славниот пејач ѝ ја исполни свадбената желба на Бранка Делиќ со тоа што ја испрати до олтарот во истата капела во Лас Вегас во која пред 24 години самиот тој се ожени со Доротеа Харли.
Бранка, Австралијка со српско потекло, во август започнала „кампања“ на социјалните мрежи со која го повикувала 51-годишниот рокер да ја придружува додека чекори кон својот избраник. Добра околност било тоа што Бон Џови требало да одржи концерт во Лас Вегас истиот викенд кога била закажана свадбата на Бранка и нејзиниот свршеник Гонзало.
Сепак, таа до последниот момент не знаела дека нејзиниот голем сон ќе стане реалност. Изразот на нејзиното лице на фотографијата од свадбата говори многу.
„Таму имаше и други невести и требаше да им го видите изразот на лицата. Ме испрати до олтарот и се обидуваше да ме предаде на Гонз, но јас не сакав да го пуштам. Не плачев бидејќи не сакав да си ја уништам шминката и да изгледам ужасно“ – изјавила Бранка.
„Благодарам Џон. Ти си неверојатен човек што издвои време за нас. Ќе се видиме во Сиднеј“ – напиша среќната невеста на Twitter.
Џови му честита на среќниот пар и преку Twitter. „Честитам! Со Гонзало имајте живот исполнет со среќа, љубов и заеднички спомени – СЕКОГАШ!“ – се вели во неговата порака.