Престижниот магазин „Time“ ја објави листата на 100 највлијателни личности на светот. На листата, која излегува по деветти пат, свое место добија многу холивудски ѕвезди, политичари, спортисти...
„Тоа се луѓе кои нè инспирираат, нè забавуваат, нè предизвикуваат и го менуваат нашиот свет“ – пишуваат уредниците.
Од славните личности меѓу највлијателните се најдоа Адел, Џесика Частеин, Виола Дејвис, Ријана и Челси Хендлер. Исто така, на листата се и Кетрин, војвотката од Кембриџ и нејзината сестра Пипа Мидлтон.
Врвниот српски тенисер Новак Ѓоковиќ е меѓу неколкуте спортисти кои со својот талент и упорност успеале да се пробијат до врвот, а со тоа и да си обезбедат место на листата.
Во највлијателните се вброија и претседателот на САД, Барак Обама, германската канцеларка Ангела Меркел и американската државна секретарка Хилари Клинтон.
На листата има вкупно 38 жени, повеќе од кога било досега.