Почетна » Новости » Шоу-бизнис » „Мајката е најсилната личност на Земјата“: Анџелина Џоли во моќен есеј се сеќава на покојната мајка

„Мајката е најсилната личност на Земјата“: Анџелина Џоли во моќен есеј се сеќава на покојната мајка

Денот на мајката инспирира многу лица да им оддадат почит на жените кои ги донеле на овој свет. Анџелина Џоли во емотивен текст сподели спомени за нејзината мајка Маршелин Бертран, која почина од рак на јајниците на 56-годишна возраст, но и ја истакна силата на мајките-бегалки кои прават сè за да ги заштитат своите деца.

МаршелинМаршелин Бертран со сопругот Џон Војт и синот Џејмс додека беше бремена со Анџелина Џоли

Во есејот за The New York Times, Џоли пишува:

Денот на мајката е тежок за секој што изгубил мајка, но годинава, веројатно е потежок поради коронавирусот. Многу луѓе ненадејно изгубија родител, без да бидат во нивна близина на крајот, да грижат за нив и да ја возвратат љубовта, како што отсекогаш посакувале.

Ја изгубив мајка ми во моите 30-ти години. Кога ќе се навратам на тоа време, можам да увидам колку ме промени нејзината смрт. Не беше ненадејна, но многу ме промени однатре. Губењето на мајчината љубов и топлина и нежната прегратка е како некој насилно да ти го одземе заштитното ќебе.

Си направив тетоважа на десната рака откако почина мајка ми, знаејќи дека тетоважите на раката исчезнуваат. На другите им изгледа како буквата „м“, но не е „м“ за Маршелин, односно нејзиното име. Тетоважата е „w“ за „Winter“, песната од Rolling Stones која ми ја пееше кога бев бебе и која се сеќавам дека ја сакав како мало девојче. „It sure been a cold, cold winter” – ќе ми запееше. А на стихот „I wanna wrap my coat around you“, ќе ме завиеше во ќебиња и ќе ме гушкаше.

МаршелинМаршелин со малата Џоли

Ја сакав мајка ми. Таа беше израсната како Католик на Јужната страна на Чикаго... Таа обожаваше да се чувствува живо. Сакаше да се смее. Кога не бев расположена, ќе пуштеше рок песни за да ме потсети на внатрешниот оган. Еден од моите најрани спомени за неа е како пали свеќи и подредува низ куќата албуми од Beatles ноќта кога беше убиен Џон Ленон. Следен пат кога се сеќавам дека беше загрижена за јавна личност беше кога папата Јован Павле II беше застрелан.

Кога ја загуби мајка си, беше многу тажна. Кога мојот татко ја изневери, ѝ се промени животот. Тоа ѝ го уништи сонот за семеен живот. Но, таа сè уште обожаваше да биде мајка. Нејзините соништа да стане актерка избледеа кога на 26-годишна возраст се најде во ситуација да израснува 2 деца со познат поранешен сопруг кој фрлаше долга сенка на нејзиниот живот. Откако почина, пронајдов видео од краток филм во кој глумеше. Таа беше добра актерка. Сè ќе беше возможно за неа.

МаршелинМаршелин со двете деца - Анџелина и Џејмс

Пред смртта, таа ми кажа дека соништата може едноставно да си ја менуваат формата. Нејзиниот сон да стане артист, всушност беше сон на нејзината мајка. А подоцна, таа се надеваше дека ќе стане мој сон. Помислувам колку е тоа точно за бројни жени пред нас чии соништата се оствариле по многу генерации.

Кога сега ја слушам „Winter“, сфаќам колку осамена и исплашена веројатно била мајка ми, но истовремено колку беше решителна да се бори за нејзините деца да бидат добро. Како што „w“ избледнуваше од мојата рака, така исчезнуваше чувството за дом и заштитеност. Животот ми донесе многу пресврти. Сум доживеала загуба и сум сведочела како животот оди во нови правци. И тоа болеше повеќе одошто сум можела да замислам.

МаршелинМаршелин и Анџелина во 2001 година

Но сега, додека моите девојчиња растат, имам сеќавања како ќерка, ја откривам одново мајка ми и нејзиниот дух. Таа беше девојка која цела ноќ танцуваше на Sunset Strip и сакаше рокенрол. Таа беше жена која љубеше, дури и по загуба и никогаш не ја изгуби грациозноста и насмевката.

Сега знам како е да си сам и да го обвивам моето палто околу оние кои ги сакам. И ми е познато чувството на благодарност што сум доволно силна да ги чувам безбедни и во топло. Кога децата ќе дојдат во твојот живот, тие веднаш и засекогаш застануваат на прво место.

На овој Ден на мајката, мислам на мајките-бегалки кои ги запознав, кои живеат во сиромаштија и принудно отселување. Секоја од нив го започна патувањето на мајчинството со ветување да направи сè за да го заштити своето дете. Да го даде својот живот ако е потребно.

Со бегалците, сфатив дека мајката е најсилната личност на Земјата. Нежноста на нејзината кожа залажува. Таа е сила водена од љубов и верност. Нема никој друг што решава повеќе проблеми. Кога има само љубов за давање, таа се излева од нејзината душа.

Кога мајка ќе ви пријде за помош и не ѝ ја дадете, таа можеби ќе заплаче. Но, никогаш нема да се откаже. Кога нејзиното дете нема да има безбедност и закрила, таа можеби ќе го побара тоа во непријателска земја каде нејзиното тело ќе биде изложено на злоупотреба. Нејзиното срце ќе биде обземено од загуба, но таа ќе продолжи да се бори за своето дете. Затоа што е мајка...

Ништо не е поболно за мајка или татко од тоа да не можат да му го дадат на детето она што му е потребно. Ова е реалноста со која се соочуваат многу семејства за време на пандемијата, дури и во Америка. Но, научив дека кога децата знаат колку многу ги сакаш, тоа е поважно од сè. Па, за мајките кои се чувствуваат беспомошно, а сепак им ги даваат последната енергија, последниот залак и единственото ќебе на нивните деца: Ви оддавам почит.

А за сите кои тажат за Денот на мајката – се надевам дека ќе најдете утеха и сила во вашите спомени.

МаршелинАнџелина во камп за бегалци

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 19082 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.