Понекогаш чудата навистина се случуваат.
Токму такво чудо им се случи на Фара и Пејтон Лери, кои добија два пара идентични близначки зачнати по природен пат. Овој феномен е толку редок, што се смета за вистинско чудо, бидејќи девојчињата не само што се четворка, туку истовремено се и два различни парови на идентични близначки. Шансите тоа да се случи се проценуваат од еден на 750.000 до еден на милион.

„Ова навистина е како чудо. Тие се совршени мали девојчиња и премногу ги сакаме... Тие се сè што не знаевме дека ни е потребно“ – рекла мајката Фара по породувањето.

Фара, која има и 2-годишен син, ја дознала веста дека семејството одеднаш ќе ѝ порасне од 3 на 7 члена за време на преглед со ултразвук.
„Се смеев и плачев истовремено. Сопругот за малку ќе се онесвестеше“ – рекла таа.

Среќната мајка се породи со царски рез и ги донесе на свет Лирик, Пејсли, Псалм и Фалин. Додека бебињата доаѓале на овој свет, нејзиниот сопруг влечел ливчиња на кои биле напишани имињата кои ги сакале за ќерките.
Фара вели дека животот со 5 мали деца воопшто не е лесен и дека со сопругот едвај наоѓаат време за спиење.
„Спијам можеби 3 и пол часа навечер“ – рекла таа.
„Не спијам повеќе. Тоа е како едно долго трепкање“ – рекол 29-годишниот Пејтон.

Родителите велат дека со нетрпение чекаат да видат што им носи иднината.
„Јасно е дека Бог има планови за овие девојчиња, бидејќи шансите беа против нас. Мораме да му веруваме“ – велат тие.
