Луисана Лопилато со семејството неколку месеци престојуваше во САД, каде нејзиниот мал син Ноа се лекуваше од рак на црниот дроб. Вчера, 29-годишната актерка се врати со најблиските во родната Аргентина. Семејството беше фотографирано на аеродромот во Буенос Аирес.
Додека внимателно ја туркаше количката со малиот син Елијас, Лопилато им се заблагодари на новинарите и им рече дека нема да го коментира овој приватен момент од нивниот живот.
Малиот Ноа, кој патуваше со Дарио, братот на Луисана, не беше фотографиран. Дарио изјавил дека е пресреќен што со внуците се враќа дома.
Минатиот месец Луисана и Мајкл Бубле споделија дека нивниот син напредува многу добро во борбата со ужасната болест.
„Со голема благодарност ве известуваме дека нашиот син Ноа напредува добро за време на лекувањето и докторите се многу оптимистички настроени за иднината на нашето мало момче.“
„Тој беше храбар во секој момент, а ние и понатаму сме инспирирани од неговата храброст. Му благодариме на Бог за силата којашто ни ја даде на сите нас. Нашата благодарност до докторите и негувателите не може да се опише со зборови.“
„Сакаме да им се заблагодариме на илјадниците луѓе кои ни ги испратија нивните молитви и убави желби. Додека го продолжуваме ова патување, многу нè утешува вашата поддршка и љубов“ – се велеше во нивното соопштение за јавноста.
По страшната дијагноза, ѕвездата од „Млади бунтовници“ и познатиот музичар ги ставија своите кариери на пауза и целосно се посветија на семејството.