Кејтлин Норман е храбра девојка која не дозволи помислата на блиската смрт да ѝ го зацрни позитивниот поглед кон животот. Откако докторите ѝ соопштиле дека ракот на коските со кој се борела речиси две години се проширил и дека нејзиното време на овој свет истекува,
Насмеаната Кејтлин составила список со последни желби – последен бавен танц, последен бакнеж, по еден ден поминат со двајцата браќа и сестра си, да научи да вози автомобил, да се вози на мотор, да ја види Италија, да си стави пирс на устата тип Мерилин Монро, да оди на матурска прослава... Нејзините пријатели, роднини и сограѓани се обединија за да ѝ исполнат една од желбите и организираа лична матурска прослава само за неа.
„Рекоа дека се прошири многу, мојот рак, и дека ова е почетокот на крајот на моите денови, па започнавме да правиме листа на желби... Пресреќна сум. Нетрпеливо чекам. Едвај чекам да одам“ – изјавила таа пред специјалната вечер.
За жал, здравствената состојба на Кејтлин се влошила и таа била принудена да ја помине ноќта в болница. Поради тоа, сите вклучени во забавата решиле да ја пренесат славеничката атмосфера во болничката соба на Кејтлин. Во болницата ја посетиле пријатели и роднини, меѓу кои бил и партнерот кој требало да ја придружува на специјалната забава.
Надвор пред болницата, нејзини блиски, држејќи свеќи во рацете, оформиле срце со цел да ја одржат насмевката на нејзиното лице.
И покрај тоа што не можела да присуствува на прославата, Кејтлин ги замолила сите да продолжат со забавата без неа. „Таа ме контактираше и ми рече дека матурската мора да продолжи. Таква е таа и не можеш да правиш ништо друго освен да се храниш од таа енергија, таква е таа, полна со живот“ – изјавила Шерон Шепард, инструкторка во училиштето и организаторка на прославата.
Темата на свечениот настан била „Katie in the Sky with Diamonds“. Освен тоа, во знак на поддршка околу 1.000 лица од малото гратче во Тенеси со свеќи во рацете стоеле покрај патот по кој требало да помине младата девојка. Под мотото „Light the Night for Kate“, сограѓаните на Кејтлин ѝ искажале поддршка на девојката која со својата позитивност допрела до многу луѓе.
„Никогаш не сум ја видела оваа заедница толку обединета како за една единствена личност. Кејтлин ќе ви го промени животот. Никогаш нема да бидете исти. Таа има големо влијание. Таа е драгоцена. Мојот живот никогаш нема да биде ист“ – дополнила Шепард за ABC News.
Мајката на Кејтлин ја опишала својата ќерка со помош на новата песна на Алиша Кис, „Girl On Fire“ – „Looks like a girl, but she's a flame / So bright, she can burn your eyes / Better look the other way / You can try but you'll never forget her name.“
„Таа отсекогаш ја користела смислата за хумор за да направи сè да е подобро за сите. Нејзе не ѝ е грижа што страда. Таа се грижи што другите страдаат и сака да го запре тоа“ – изјавил Брендон Хакаби, најдобриот пријател на Кејтлин.
Кејтлин страда од остеосаркома, агресивна форма на рак на коските, а докторите не знаат точно уште колку долго ќе живее. „Таа не дозволува да ја засегне фактот што докторите рекоа дека нема да живее долго. Таа има став: Јас сум Кејтлин. Јас сум ќелава, јас сум убава и ќе го победам ова“ – дополнил Брендон.
Сторијата на Кејтлин допре до илјадници луѓе низ цел свет. Создадена е и страница за донации кои би ѝ помогнале на храбрата девојка да си ги исполни последните желби. Сè повеќе лица пишуваат колку многу биле инспирирани од позитивноста на Кејтлин и ја изразуваат својата поддршка.