Спенсер Вест навистина е несекојдневен човек. Неговата решителност, упорност и издржливост треба да бидат инспирација и лекција за сите нас.
Секоја година околу 35.000 луѓе се обидуваат да се искачат на Килиманџаро, но само половина од нив успеваат да стигнат на врвот. Спенсер, кој ги изгубил двете свои нозе како дете, успеал движејќи се на раце да се искачи до врвот.
Седум дена 31-годишниот Канаѓанец и неговите пријатели и поддржувачи се искачувале за да стигнат на Кибо, највисокиот врв на Килиманџаро, кој се наоѓа на 5.895 метри надморска височина.
„Си поставив цел да го искачам Килиманџаро не само за да го предефинирам она што е возможно за мене, туку и за ги инспирирам другите да преминат преку сопствените пречки и предизвици и да дадат нешто за возврат на општествата на кои им е потребна помош. Искачувањето на врвот на Килиманџаро беше најтешкиот физички и психички предизвик за мене, но тоа ја засили моќната порака да веруваш во себе и во другите. Многу луѓе ми помогнаа за да го остварам ова и трогнат сум од поддршката на сите нив“ – изјавил Спенсер.
Со своето мачно патување, Спенсер успеал да собере 500.000 долари за хуманитарни цели. Парите се наменети за организацијата „Free The Children“, која обезбедува чиста вода за илјадници жители на Кенија.
Решителниот Канаѓанец се искачувал со двајцата свои најдобри пријатели. „Се плашевме дека нема да стигнеме до врвот, особено кога се разболи мојот пријател. Но, затоа дојдовме тројцата, за да си помагаме. Се потпиравме еден на друг, буквално, за да стигнеме до врвот“ – изјавил Спенсер, кој поминал 80% од патот движејќи се на раце, а во останатото време седел на инвалидска количка.
Спенсер е роден со недоволно развиен ‘рбетен столб, а неговите нозе биле перманентно скрстени. На 3-годишна возраст докторите му ги ампутирале нозете до колената, а кога имал 5 години нозете му биле целосно ампутирани.
„Кога беше бебе, докторите ни кажаа дека тој нема да може да постигне многу во животот“ – изјавила неговата мајка. Но, за среќа докторите не биле во право – Спенсер е вистински борец кој постигнал многу повеќе од многу други луѓе.