Селин Дион со емотивно видео им соопшти на фановите дека страда од редок синдром поради кој ги одложува закажаните концерти.
Музичката дива сподели дека ѝ бил дијагностициран синдром на вкочанета личност (Stiff Person Syndrome) кој ги претвора луѓето во живи статуи.
54-годишната ѕвезда со неповторлив глас со солзи во очите вели:
Како што знаете, отсекогаш сум била отворена книга. Претходно не бев спремна да кажам што било, но сега сум спремна. Долго време се соочував со проблеми со здравјето и ми беше многу тешко да се справувам со овие предизвици и да споделувам за сè што ми се случуваше. Неодамна, ми беше дијагностицирано многу ретко невролошко нарушување наречено синдром на вкочанета личност кое засега еден на милион луѓе. Додека сè уште учиме за оваа ретка состојба, сега знаеме дека тоа е причината за сите спазми кои ги имав. За жал, овие спазми влијаат на секој аспект од моето секојдневие. Понекогаш ми предизвикуваат потешкотии во одењето и не ми дозволуваат да ги користам моите гласни жици за да пеам како што сум навикната.
Ме боли што морам да ви кажам дека тоа значи дека нема да бидам подготвена да ја започнам турнејата низ Европа во февруари. Имам одличен тим од доктори кои работат со мене за да ми помогнат да бидам подобро и ги имам моите скапоцени деца кои ме поддржуваат и ми даваат надеж. Работам напорно секој ден со мојот терапевт по спортска медицина за да си ја вратам силата и способноста да настапувам повторно. Но, морам да признам дека е тешко...
... Секогаш давам 100% на моите концерти, но мојата состојба не ми дозволува да ви го дадам тоа сега. За повторно да бидам со вас, немам друг избор освен во моментов да се концентрирам на моето здравје. Имам надеж дека сум на пат кон закрепнување. Ова е мојот фокус и правам сè што можам за да се опоравам. Сакам да ви се заблагодарам за вашите охрабрувачки пораки со љубов и поддршка на социјалните мрежи. Многу ми значат. Чувајте се и бидете добро. Ве сакам и навистина се надевам дека ќе ве видам повторно за многу брзо време. Ви благодарам.
Селин Дион
Синдромот на вкочанета личност е ретка невролошка болест со карактеристики на автоимуно заболување. Симптомите вклучуваат мускулни грчеви, неможност за наведнување, болка и хронична анксиозност. Мускулните грчеви можат да бидат толку силни што да доведат до изместување на зглобови и дури и кршење на коските. Пациентите може да завршат во количка или да бидат неподвижни, често не можат да работат и да се грижат за себе.
Нема лек за овој синдром, но постојат третмани кои помагаат за ублажување на симптомите.
Селин има три деца со Рене Анжелил, кој почина од рак во 2016 година.