Раѓањето на првото дете е драгоцен момент за сите мајки, но за Џо Шорт бил момент за кој копнеела цели 15 години.
37-годишната Британка со огромна среќа дочекала да ја држи во рацете ќеркичката Емили, откако претходно доживеала 19 спонтани абортуси.
Џо речиси се имала откажано од сонот да оформи свое семејство, но операција ѝ помогнала да го добие долго посакуваното дете.
Гордата мајка и нејзиниот сопруг Стив Шорт безуспешно се обидувале да добијат дете од 1997 година. Уште во текот на првата година, Џо го доживеала првиот спонтан абортус, а во годините што следувале, повеќе специјалисти ја убивале нејзината надеж за потомство.
Џо страдала од ендометриоза, заболување кое предизвикува неплодност кај жените. Два месеци откако ѝ била направена операција и ѝ било отстрането заболеното ткиво, Џо забременила по 20-ти пат.
Кога започнала да се породува, Џо одбила да прими лекови за намалување на болката, поради страв да не му наштети на бебето. „Да си мајка е прекрасно, сè што очекував и повеќе од тоа. Тоа го посакувавме толку долго време“ – изјавила таа.