Две години по смртта, една мајка му го даде на своето семејство последниот божиќен подарок.
Бренда Шмиц ја обожавала емисијата во која радиото Star 102.5 секоја година им исполнувало желби на свои слушатели по повод Божиќ. Саканата мајка на четири деца починала од рак на јајниците во септември 2011 година. Еден месец пред смртта, таа напишала неколку писма во кои образложила зошто посакува да ѝ бидат исполнети три желби. Потоа замолила свој пријател да ги чува писмата сè до моментот кога нејзиниот сопруг Дејвид ќе си пронајде нова животна сопатничка и нова мајка за нивните деца. Откако тоа се случило, следејќи ги инструкциите на Бренда, пријателот ги испратил писмата во наведената радио станица.
Пред една недела писмото од Бренда ги трогнало вработените во Star 102.5. Тие го поканиле Дејвид и му го прочитале писмото од неговата почината сопруга. Во него таа пишува за својата љубов кон семејството и за тоа колку многу ја цени новата жена во животот на Дејвид. На крајот, таа замолува да ѝ бидат исполнети три желби. Првата е разгалување за новата партнерка на Дејвид (шопинг, масажа), втората е магично патување за целото семејство, а третата – забава за вработените во болницата каде што била лекувана пред смртта.
Дејвид не можел да ги задржи солзите додека ги слушал размислувањата и желбите на својата покојна сопруга. „Таа беше многу приземна, грижлива мајка и прекрасна сопруга“ – рекол Дејвид.
Тој објаснил дека ја запознал сегашната свршеница Џејн, која има две свои деца, во јуни годинава. Исто така, изјавил дека постојано чувствува дека неговата сакана Бренда е присутна во нивните животи.
Сите желби на Бренда ќе бидат исполнети. На докторите и сестрите кај кои Бренда се лекувала ќе им биде приредена забава, семејството ќе добие магично патување во Дизниленд, а Џејн ќе добие релаксирачка масажа.
Еве дел од писмото на Бренда:
„Здраво, моето име е Бренда Шмиц. Кога ќе го добиете ова писмо, јас веќе ќе ја имам изгубено битката со рак на јајниците. Го пишувам ова писмо за да ви биде испратено од мој драг пријател кој има инструкции да го направи тоа кога ќе дојде вистинско време...“
„Имаме четири момчиња – Картер, Џош, Џастин и мојот мал Макс. Макс е најмал, има две години. Мене ми дијагностицираа рак непосредно по неговиот прв роденден. Ниту едно дете на толку млада возраст не треба да ја загуби својата мајка и ми се насолзуваат очите штом ќе помислам на тоа... Ќе ми недостигаат сите мои момци. Омилен ми беше секогаш оној што стоеше пред мене...“
„Причината поради која ви го пишувам ова е што имам една желба. Имам желба за Дејвид, за момчињата, за жената и нејзиното семејство ако и таа има деца. Сакам да знаат дека ги сакам многу... Прво за новата животна партнерка на Дејвид – еден ден разгалување. Фризура, шминка, масажа, облека, шопинг, спа или викенд патување. Што било. Таа го заслужува тоа со тоа што е маќеа на сите тие момчиња и особено што му дава на Макс мајчинска љубов каква што само таа може. Развеселете ја и ќе го ценам тоа. Ти благодарам, те сакам, која и да си. За семејството – магично патување некаде каде што ќе можат да уживаат заедно како семејство и ќе создаваат спомени кои ќе ги паметат засекогаш. И последно за докторите во Mercy Hospital и сестрите. Ноќ исполнета со пијалаци, храна и забава за сè што прават за пациентите со рак кои ги среќаваат. Господ нека ве благослови и чува. Благодарам за ова.“
Погледнете го видеото од радио-емисијата во која гостува Дејвид: