Приказна за мал борец од Битола ќе допре до сечие срце. На херојот Адријан на само 11-годишна возраст му беше дијагностицирана леукемија, но смогна сили и успеа храбро да се избори со болеста.
Сторијата за оваа битка ја раскажа неговата мајка Марта Стојковска. „Секогаш верувајте во своето дете дека ќе успее и дека таквите моменти се само премрежје и еден лош сон кој ќе помине и ќе се разбудат посилни од кога било“ – изјави таа за Femina.mk.
Како дознавте за болеста? Кои беа првите симптоми со кои се соочи вашиот син?
- Првите симптоми беа модрици по телото и замор. Брзо следуваше дијагнозата, 3 часа по пункцијата на коскената срцевина.
Соопштувањето на лоши вести воопшто не е лесно, особено кога се работи за мало дете со толку тешка дијагноза. Колку години имаше Адријан кога ја добивте дијагнозата и како за првпат разговаравте за болеста со него?
- Леукемија му беше дијагностицирана на 6 јули 2021 кога Адријан имаше 11 години, две недели пред неговиот роденден. Адријан најпрво не ја знаеше дијагнозата. Не му го кажав тоа за да не се разочарува за време на лекувањето, но по една година сам дозна и смирено го прифати тоа.
Како родител, тешко е да го гледате детето како се бори со оваа болест. Како успеавте вие емотивно да се справите со целата ситуација?
- Како да не постои никаква болест, смирено и присебно, а воедно борбено и храбро.
Се изненадив од емпатијата на луѓето, се разбира во позитивна смисла. Им се заблагодарувам на сите во оваа прилика.
Позитивното гледање на работите, неоткажувањето и вербата дека имаш силно дете, секако и вербата во Бога, тоа е мојот рецепт.
Иако борбата сигурно беше тешка и исцрпувачка, вашиот син успеа да извојува победа над леукемијата. Како прославивте за убавата вест?
- Најубавиот миг беше ѕвонењето на ѕвончето на Детската клиника во Скопје и средбата на Адријан со сестра му Наталија после подолго време. Тоа за мене значеше завршување на еден тежок период и почувствував некое олеснување.
Се соочува ли Адријан сега со некакви потешкотии при секојдневното функционирање?
- Фала му на Бога, психички нема никакви последици, единствено што имунитетот му е послаб и треба на тоа да се припази и нормално да се внимава на исхраната.
На училиште почна од септември, супер се вклопи и е пресреќен со своите другарчиња. За време на терапијата не одеше на училиште, немаше ни време, а му беше и доста лошо и самата ситуација не дозволуваше да биде физички присутен на часовите. Соучениците го прифаќаат и повеќе од добро и оваа година го избраа за претседател на одделението.
Кога го имавте последниот третман и до кога Адријан ќе треба да продолжи со редовни контроли?
- Последната хемотерапија Адријан ја прими на 6 март минатата година. Тој прима терапија на одржување од почетокот на дијагнозата, односно од јули 2021 до јули 2023. Редовни контроли имаме еднаш месечно, тоа ќе трае до јули. Понатаму контролите ќе бидат на шест месеци и на една година.
Тешките битки секогаш нé созреваат како личности, нé учат на скапоцени лекции и нé прават посилни. Што е она што би сакале да им го пренесете на сите кои минуваат низ слични ситуации?
- Мојата порака е една до сите родители во ваква ситуација, а тоа е: „Секогаш верувајте во своето дете дека ќе успее и таквите моменти се само премрежје и еден лош сон кој ќе помине и ќе се разбудат посилни од кога било.“
Сакам да додадам дека во такви ситуации како мојата, а за жал има и други како мене, да бидат силни мајки и силни родители. Да веруват дека нивното дете е Борец и ќе победи, бидејќи нашите деца се посилни и од нас родителите. Тие знаат да се борат и да победуваат, имајте верба и во Господ Бог зошто без него сме никој и ништо.
Марта и нејзиниот сопруг Никола се родители и на 9-годишната Наталија.