Некои бебиња уште по раѓањето се принудени да ја покажат нивната борбеност. Малата Мила Атанасова, која се роди предвреме со тежина од 1260 грама, храбро се избори за својот живот и конечно си замина дома со родителите.
Малото новороденче помина 48 дена на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје и сега тежи 2320 грама.

„И НАШАТА МИЛА СИ ОТИДЕ ДОМА. Во прегратките на своите родители, вчера во стабилна состојба и со телесна тежина од 2320 грама дома си замина уште едно предвреме родено бебе.“
„После 48 дена поминати на одделението за интензивна нега и терапија (ОИНТ), нашата Мила Атанасова, која заедно со докторите и со сестрите ги надмина сите препреки, како здраво бебе, на наша огромна радост, ја испративме од Клиниката за гинекологија.“
„Мила е родена во 27 гестациска недела, со тежина од само 1260 грама. И посакуваме да биде иста како што е и значењето на нејзиното име и да се бори низ животот со истиот жар што го покажа уште од првиот миг од своето раѓање, во текот на овој еден и пол месец поминат на ОИНТ. На мама и тато да им носи само убави моменти и радости“ – напишаа во објавата од ГАК.

