Во емотивно интервју со Опра Винфри, Лејди Гага сподели дека на 19-годишна возраст била силувана од музички продуцент, кој ја оставил бремена на улица.
Во документарец посветен на менталното здравје, 35-годишната музичарка зборуваше за ефектите од сексуалното злоставување, забременувањето и неможноста да се справи со последиците од сето тоа.
„Имав 19 години и работев во бизнисот, кога продуцент ми рече да се соблечам. Му реков не и заминав, а тие ми рекоа дека ќе ја изгорат целата моја музика. И не запреа, продолжија да го бараат тоа од мене. Се замрзнав и не се ни сеќавам“ – рекла таа.
Неколку години по трауматичното искуство, Гага имала хронична болка и докторот ѝ препорачал да посети психијатар. Тогаш открила дека има посттрауматско стресно растројство.
„Прво чувствував преголема болка, а потоа се вкочанив. Сфатив дека тоа беше истата болка што ја чувствував кога истата личност која ме силуваше ме остави на улица бремена. Повраќав и бев болна во куќата на моите родители. Бидејќи бев злоставена. Бев заклучена во студио со месеци.“
„Неколку години не бев истата девојка. Начинот на кој се чувствувам кога искусувам болка е истиот што го чувствував откако бев силувана“ – објаснува Гага.
Таа вели дека никогаш нема да го открие името на тој продуцент, бидејќи не сака да се соочи со него.
„Нема да го кажам неговото име. Го разбирам движењето Me Too и разбирам кога луѓето се чувствуваат удобно со тоа, но јас не се чувствувам. Не сакам никогаш повторно да се соочам со таа личност“ – вели таа.
Пејачката вели дека сето ова го открила за да им помогне на другите жртви како неа.
„Не ја раскажувам оваа приказна за да си направам себеси услуга, бидејќи, да бидам искрена, тешко е да се раскаже. Чувствувам голем срам. Како да им објаснам на луѓето дека сум привилегирана, дека имам пари, дека имам моќ и дека сум несреќна? Како да го направам тоа? Не сум тука за да ја раскажам мојата приказна, бидејќи сакам некој да плаче за мене. Јас сум добро. Но, отворете го срцето за некој друг. Ви кажувам, поминав низ тоа и на луѓето им треба помош. Па, ова е дел од моето лекување, да можам да зборувам за тоа“ – вели таа.