Жена која била киднапирана од дадилката пред повеќе од 50 години се обедини со биолошките родители.
Мелиса Хајсмит била одделена од семејството во 1971 година на 21-месечна возраст и никогаш не ја дознала вистината за своето потекло, сè досега. Биолошките родители на 53-годишната Американка ја пронашле со помош на ДНК тест. Емотивниот момент кога тие се сретнаа беше снимен, а видеото стана интернет хит.
Мелиса била киднапирана од нејзиниот дом откако нејзината мајка преку реклама ангажирала дадилка да се грижи за неа. Таа растела под името Мелани на само 10 минути оддалеченост од биолошкото семејство. Жената која се претставувала како нејзина мајка ја криела од светот и немала никаква блискост со неа.
„Никогаш не бев блиска со мајка ми. Имав лошо детство... Не ми беше дозволено да излегувам и да си играм. Таа велеше дека причината што толку многу ме штити е што бев родена дома и имав оштетување на мозокот“ – објаснила Мелиса за своето детство.
Не можејќи да ја поднесе атмосферата во која растела, Мелиса избегала од дома на 15-годишна возраст. Дури 38 години подоцна, дознала зошто врската со нејзината мајка била толку комплицирана. Таа воопшто не била крвно поврзана со неа.
„Сè започна да добива смисла – сите нешта кои се прашував кога бев малечка: ‘Зошто е мајка ми ваква? Зошто вака се однесува?’. Тогаш си мислев дека можеби не сакаше да има мало девојче. Можеби посакуваше јас да се родев како момче. Се прашував зошто воопшто ме роди кога не ме сака“ – рекла таа.
Кога трите сестри и братот ја контактирале преку Facebook за да ѝ ја кажат веста, Мелиса не можела да поверува што чита. Брзо ја прашала за тоа жената која ја израснала.
„Тогаш ми рече дека сакала нешто да ми каже многу, многу години. Ми рече дека некој ме продаде кај неа на улица за 500 долари. Во моето срце, не верувам дека ме купила. Мислам дека таа беше онаа која одговори на рекламата и ме киднапира. Сè што знаев пред да наполнам 15 години, пред да заминам од дома, беше лага“ – рекла таа.
За своето ново семејство, Мелиса вели:
„Се чувствувам благословена. Сè си има свое време. Моето време не беше дојдено, но сега е и Бог ми го овозможи сето ова“.
По средбата со биолошкото семејство, Викторија, една од сестрите на Мелиса, рекла:
„Не можев да престанам да плачам. Бев пресреќна и сè уште одам наоколу збунето, обидувајќи се да прифатам дека сестра ми е пред мене и дека ја пронајдовме“.
@findingmelissahighsmith The missing piece is no longer missing! Melissa is back home with her parents and siblings! She was raised with the name Melanie but she can’t wait to change it back to Melissa #findingmelissahighsmith #23andme #genealogy #welcomehomemelissa #fortworth #nevergiveup ♬ original sound - Finding Melissa Highsmith