Почетна » Здравје » Совети за здравјето » Како да се откажете од пушењето?

Како да се откажете од пушењето?

Жена што пуши

Не постои човек кој не знае дека пушењето е штетно за здравјето. Некои поради тоа избираат да се држат подалеку од овој порок, но често луѓето го пренебрегнуваат фактот дека цигарите можат да бидат смртоносни и продолжуваат да уживаат во секој дим.

Фрапантни се податоците дека Македонија се наоѓа на второ место во Европа по бројот на пушачи и дека скоро половина од населението е зависно од пушењето.

Од друга страна, денес сè повеќе пушачи се обидуваат да се откажат од цигарите. Дел од нив заради финансиите, а дел поради тоа што сакаат да го заштитат своето и здравјето на своите најблиски.

Ако и вие спаѓате во една од овие групи и сте си поставиле за цел во новата година да не носите повеќе етикета „пушач“, ви предлагаме неколку корисни совети кои ќе ви помогнат да ги исфрлите цигарите од вашиот живот засекогаш.

Подгответе се за откажување

Прво и најважно е да знаете дека откажувањето е тешко, но не и невозможно. Милиони луѓе низ светот секоја година се откажуваат од оваа штетна навика. Потребно е да имате силна мотивација, волја и да бидете упорни.

Најчесто пушачите успеваат целосно да се ослободат од цигарите по неколку обиди. Можеби вие ќе бидете дел од оние кои што успеале од прв пат, но ако не сте, не се разочарувајте и не се предавајте.

Еве што треба да направите за да се подготвите за оваа голема промена во вашиот начин на живот:

  1. Бидете оптимисти за вашето решение. Избегнете ги негативните мисли дека откажувањето е тешко, затоа што тоа може да ве стави под стрес уште пред да почнете.
  2. Набројте ги сите причини кои влијаат врз вашата одлука да станете непушач. Кога ќе ги напишете на лист сите причини (здравствени, финансиски итн.), ќе имате идеја што ќе добиете ако се ослободите од овој порок.
  3. Изберете силна причина поради која сакате да се откажете. Најчесто фактите дека пушењето е штетно за здравјето не се доволни за да ве задржат подалеку од цигарите. Потребно е да имате моќна лична причина. Можеби тоа ќе биде вашата желба да ги заштитите своите најблиски од последиците од пасивното пушење, стравот од рак на белите дробови или желбата за подобар изглед на вашето лице и заби. Изберете си причина која ќе биде доволно силна за да ви ја убива желбата за уште една цигара.
  4. Започнете со промените во начинот на живот. Практикувајте поголема физичка активност, пијте повеќе течности, не пушете во вашиот дом или автомобил. Сето тоа е добар почеток, кој ќе ве донесе на вистинскиот пат.
  5. Изберете си датум. Најдобро е датумот да биде важен за вас и да не го менувате. Тоа може да е вашиот роденден, некој празник или слично. Така ќе ви биде полесно да следите колку време сте непушач и ќе имате уште еден повод повеќе да го славите тој ден.
  6. Обложете се со некој пријател или со партнерот дека можете да се откажете на закажаниот датум. Тоа ќе ви даде причина повеќе да си стоите на зборот, а може и дополнително да се мотивирате за да докажете дека имате цврст карактер.
  7. Кажете им на најблиските дека се откажувате од пушењето. Многу е важно да ја добивате потребната поддршка пред, а особено по откажувањето.

Намалете го бројот на испушени цигари

Како што се доближувате до денот на откажувањето, треба постепено да го намалувате бројот на испушените цигари. Подолу следуваат 10 начини да го направите тоа. Не мора да ги изберете сите, туку само оние кои што мислите дека ќе ви помогнат вам.

Откажување од пушењетоОткажувањето од пушењето е тешко, но не и невозможно. Милиони луѓе низ светот секоја година се откажуваат од оваа штетна навика.
  1. Престанете да купувате цигари во штеки, купувајте пакета по пакета и тоа само откако ќе ви заврши претходната.
  2. Купувајте цигари што не ви се допаѓаат – од друга фирма или со пониска содржина на никотин и катран.
  3. Пред почетокот на секој ден, решете по колку цигари ви се дозволени да испушите и придржувајте се до вашето решение.
  4. Пушете ги цигарите само до половина.
  5. Избегнувајте го автоматското пушење. Пред палењето на секоја цигара, добро размислете дали сакате да ја запалите или тоа го правите само од навика.
  6. Не го чистете пепелникот. Така ќе имате увид колку цигари пушите, а самата миризба ќе ви создава одбивност кон пушењето.
  7. Собирајте ги пикавците во шише со малку вода. Ќе видите колку валкана навика е пушењето.
  8. Сменете ги околностите во кои пушите. Ако досега сте сакале да пушите во друштво, сега започнете да пушите сами. Доколку ја обожавате првата утринска цигара веднаш откако ќе се разбудите, сега обидете се да пушите од пладне.
  9. Не ги чувајте цигарите на дофат на рака. Како што се приближува денот на вашето откажување, така треба да ги чувате цигарите што подалеку од вас. Последните неколку дена не носете цигари со себе.
  10. Не консумирајте пијалоци или храна кои ве поттикнуваат да запалите цигара. Наместо кафе, пијте сокови и обидувајте се да го избегнувате алкохолот.

Откажете ги цигарите целосно

  1. Фрлете ги сите пакети цигари кои ги имате (вклучувајќи ги и оние за итни случаи). Сокријте ги пепелниците и запалките.
  2. Ослободете се од помислата дека никогаш нема да запалите цигара, затоа што може да ви создаде паника. Одете чекор по чекор. Кажете си „денес нема да пушам“ и стојте си на зборот. Правете го тоа секој ден.
  3. Првите неколку дена обидете се да бидете што повеќе зафатени. Искористете го секој момент во правење нешто. Одете на прошетки, на кино, вежбајте или практикувајте го вашето хоби.
  4. Избегнувајте ги местата каде се пуши. Сега, додека активно се спроведува Законот за забрана на пушењето на јавни места, нема да ви биде тешко да одите во кафеана или кафуле без да останете понастрана од цигарите. Но, најдобро е за почеток да ги избегнувате овие места, затоа што може самиот амбиент да ви ја активира желбата за пушење.
  5. Пијте повеќе вода и сокови, а избегнувајте го кафето и алкохолот.
  6. Мијте ги забите почесто. Аромата од пастата за заби ќе ви ја намали желбата за цигара.
  7. Исперете ги вашите алишта и напрскајте ги со омилениот парфем. Така ќе сфатите колку е убаво кога не ви мирисаат да цигари.
  8. Одете на заболекар и исчистете си го забниот камен кој се создава главно поради цигарите.
  9. Ако немате што да правите со устата, купувајте си почесто гума за џвакање. За да имате со што да ги држите рацете зафатени, купете си интересен привезок со кој ќе можете да си играте.
  10. По секој изминат ден во кој нема да запалите ниту една цигара, наградете се со нешто. Собирајте ги парите што би ги потрошиле на цигари и купувајте си мали аксесоари или козметика. Така ќе бидете позадоволни со себе.

Ако добиете силна желба да запалите цигара...

  • Џвакајте гума без шеќер со вкус на ментол или ако сте дома земете краставица, морков, јаболко или целер како мезе. Тие ем немаат многу калории, ем ќе ви помогнат да ги оттргнете мислите од цигарите.
  • Релаксирајте се. Замижете ги очите и претставете си ги сите причини кои придонеле вие да станете непушач. Потоа замислете си некое место кое не ви создава напнатост.
  • Дишете длабоко. Направете 10 длабоки вдишувања и издишувања.
  • Заборавете на помислата дека една цигара нема да ви наштети. Токму таа цигара ќе го уништи вашиот досегашен труд.
  • Одете на прошетка. Физичката активност може да е вашиот најдобар сојузник во тешкиот период веднаш по откажувањето.

Многу е важно да го запишувате секој изминат ден кога можете да се пофалите дека сте непушач. Секој месец, три месеци или година, прославувајте ги.

Ако некогаш подлегнете на искушението, не бидете премногу строги кон себе и не се разочарувајте. Идентификувајте ја причината што довела до вашето посегање по цигарите и наредниот пат кога ќе се најдете во иста ситуација ќе бидете спремни да му одолеете на овој смртоносен порок.

Со среќа!

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20935 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.