Почетна » Здравје » Совети за здравјето » Изгореници од сонце

Изгореници од сонце

Во летните денови постојано слушаме за тоа колку е штетно сонцето, какви последици остава врз нашето здравје и надворешен изглед и како да се заштитиме. Но, кога ќе дојде време за одмор, илјадници луѓе забораваат на соодветна заштита од сонцето и на советите од експертите, па честопати се соочуваат со проблемот изгореници од сончевите зраци.

Жена на плажаИзгорениците од сонце се појавуваат како резултат на предолго изложување на сончева светлина, т.е. на УВ-зраците.

Зошто се појавуваат?

Изгорениците од сонце се појавуваат како резултат на предолго изложување на сончева светлина, т.е. УВ-зраците. УВ-зраците можат да бидат УВА, УВБ и УВЦ. Само УВА и УВБ зраците допираат до површината на земјата. Популарните солариуми исто така создаваат УВ светлина којашто може да предизвика изгореници.

Кога сте изложени на УВ светлина, кожата забрзано произведува заштитен пигмент меланин. Овој пигмент влијае врз тоа каков тен имате и ги блокира УВ-зраците со цел да ја спречи појавата на изгореници. Дополнителното количество на меланин всушност е причината за добивањето на потемен тен кога се сончате. Но, телото не може да произведува неограничено количество меланин. Колку меланин ќе се создава во вашето тело зависи од гените. Како резултат на предолгата изложеност на сонце, кожата започнува да „гори“, да станува чувствителна на допир и да боли, а воедно се појавува црвенило и во некои случаи меури.

Не се залажувајте дека само директното изложување под сончевата светлина може да предизвика изгореници. Можете да пострадате дури и кога времето е облачно, затоа што скоро 90% од сончевите зраци продираат низ облаците.

Симптоми при појавата на изгореници од сонце

Секој дел од вашето тело може да „изгори“ од сонцето. Дури и усните, ушите и скалпот може да настрадаат од предолгото изложување на сонце.

Првите симптоми на изгореници од сонце се појавуваат во рок од 4-7 часа по сончањето, но максималната штета од сонцето врз кожата можете да ја забележите 24-48 часа по изложеноста на сонце.

Кога изгорениците се полесни, некои од симптомите што може да се појават се:

  • розова или црвена боја на кожата;
  • чувствителност при допир, болка;
  • кожата при допир е многу топла.

Кај посериозните случаи на изгореници се појавуваат и следните симптоми:

  • главоболка;
  • замор;
  • дехидратација;
  • покачена телесна температура;
  • меури по кожата;
  • гадење и повраќање.

Неколку дена подоцна кожата започнува да се лупи. На тој начин всушност телото се ослободува од оштетената кожа.

Лупењето на кожата е начинот на којшто телото се ослободува од оштетената кожа.

Кога сонцето предизвикува најголема штета?

Постојат повеќе фактори коишто можат да ја зголемат штетата на сонцето врз вашата кожа.

  • Тенот. Луѓето со светла кожа почесто добиваат изгореници од сонце. Тоа е така затоа што луѓето со темен тен имаат повеќе меланин, којшто ја заштитува кожата од изгореници.
  • Возраста. Возраста влијае врз тоа како кожата реагира на изложеноста на сонце. Кожата на малите деца и на повозрасните луѓе (над 60 години) е почувствителна на сончева светлина.
  • Периодот од денот. Најголема е веројатноста дека ќе добиете изгореници од сонце во периодот од 10 до 16 часот, затоа што сончевите зраци тогаш се најсилни.
  • Периодот од годината. Поради положбата на сонцето, во лето е најголема веројатноста дека ќе настрадате од изгореници од сонце.
  • Околината. Сигурно сте забележале дека кога сте покрај море или езеро вашата кожа побрзо зацрвенува, отколку кога сте на прошетка низ град. Тоа е така затоа што големата површина на вода ги рефлектира сончевите зраци. Ако околу вас има поголема површина вода, бел песок, мраз или снег, тогаш поголеми се шансите дека ќе настрадате од изгореници предизвикани од сонцето.
  • Надморската висина. Со зголемувањето на надморската висина се зголемува изложеноста на УВ-зраците. Колку повисоко се наоѓате, толку поголема заштита треба да употребувате.
  • УВ индексот. Индексот на УВ зрачење се менува секој ден и е највисок во летните денови. Колку што е повисок индексот, толку е поголема веројатноста дека ќе се здобиете со изгореници ако незаштитени се изложувате на сончева светлина.

Како да си помогнете?

Алое вераИзгорената кожа премачкајте ја со алое вера.

По долгиот престој под сончевите зраци, многу малку можете да направите за да го спречите оштетувањето на кожата, но можете да ги ублажите симптомите.

  • Ладен туш. Често туширајте се со млака или ладна вода. Така ќе се чувствувате подобро, затоа што ќе ја намалите болката и ќе ја изладите кожата.
  • Ладни облоги. Ставајте на засегнатите места крпа или газа потопена во ладна вода.
  • Алое вера. Намачкајте се со хидратантен крем. Најдобро е да содржи алое вера. Ако во близина има растение алое вера, скинете го и скршете го. Со гелот премачкајте ја зацрвенетата кожа.
  • Јогурт. Ладниот јогурт ќе ви помогне да ги ублажите симптомите како црвенило и болка.
  • Консумирајте многу течности. Предолгиот престој на сонце може лесно да предизвика дехидратација. Главоболката и жедта се знаци дека телото дехидрира. Пијте многу течности, за да може телото да продолжи да функционира нормално.
  • Внимателно со меурите. Не ги притискајте меурите по кожата. Умисленото пукање на меурите само ќе го забави процесот на заздравување, а ќе го зголеми и ризикот од појава на бактериска инфекција. Ако меурите се тријат од облеката, можете да ги заштитите со помош на завој. Кога ќе пукне меурот, најдобро е да го премачкате местото со антибактериска крема.

Ако имате меури на поголема површина од телото, придружени со појава на висока температура, вртоглавица и гадење или повраќање, посетете доктор. Исто така, ако забележите дека домашното лекување не помага и состојбата не ви се подобрува, не чекајте предолго и побарајте стручна помош.

Навистина е лесно да заборавите да нанесете крем со заштитен фактор додека се забавувате во водата, но тоа треба да ви биде приоритет во летните денови, за да го спречите непривлечното и болно зацрвенување на кожата.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20786 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.