Почетна » Убавина и мода » Лице » Беспрекорна кожа на лицето со помош на течна пудра

Беспрекорна кожа на лицето со помош на течна пудра

Течната пудра е козметички производ за инстантно разубавување на кожата на лицето. Благодарение на обоеноста, таа ги прикрива несовршеностите по кожата за совршен финиш. Секоја жена копнее по кожа мека како кадифе и мазна како свила, а течната пудра е најважниот чекор до постигнувањето на беспрекорна кожа на лицето.

Различни нијанси пудраИзборот на нијансата на пудрата е најважен за совршен финиш

Задачата на пудрата е да го изедначи тенот, да ја измазни текстурата на кожата и да ви овозможи лесна камуфлажа на недостатоците, но таа не треба да ви служи за да го добиете тенот што посакувате. Ќе се согласите дека изгледа многу непријатно кога некоја жена ставила 100 слоја пудра или пак ја промашила нијансата и изгледа како да носи маска на лице. Еве совети и трикови кои ќе ви помогнат да добиете природен привлечен изглед на лицето со помош на течна пудра:

  1. Изберете пудра според типот на кожата. Со развивањето на козметичката индустрија, расте и нашиот избор на производи прилагодени на различните типови кожа. Поделбата на пудрите во зависност од типот на кожа не е маркетиншки трик. Пудрите за масна кожа содржат состојки кои го регулираат лачењето на природни маснотии и нудат мат ефект, односно се стремат да го одржат лицето без непосакуваниот сјај. Од друга страна, пудрите за сува кожа се помасни со цел да ја одржат кожата хидратирана за да избегне непријатното сушење и луштење на кожата.
  2. Пудрата не треба да ви даде боја на лицето, тоа е задача на руменилото. Изборот на нијанса на пудра е од клучно значење. Најголемата грешка на многу жени е што избираат потемна пудра со цел да му дадат боја на лицето и да не изгледаат бледи. Тоа е сосема погрешно размислување. Ако сакате потопол и поздрав изглед, искористете руменило или бронзер. Со голема четка нанесете руменило/бронзер не само на образите, туку малку и на челото, носот и брадичката. Така кожата ќе придобие здрав блесок.
  3. Не ја тестирајте пудрата на дланката, туку на лицето! Пудрата која изгледа идеално на вашата дланка, може да направи да изгледате како кловн кога ќе ја ставите на лицето. Кога станува збор за пудра, не важи правилото за тестирање на дланката. За совршен избор, тестирајте ја пудрата директно на образот. Земете две-три нијанси кои сметате дека се најблиски до бојата на вашата кожа и од секоја нанесете линија на лице. Пудрата која ќе се слее совршено со вашата кожа, е онаа вистинската. Додека го правите изборот, застанете на природна дневна светлина.
  4. Доколку не можете да тестирате на лицето, ставете за проба на клучната коска. Ако веќе имате пудра на лицето, не тестирајте нова нијанса над неа, затоа што нема да можете реално да процените дали ви одговара. Во ваков случај, ставете пудра на клучната коска, во основата на вратот.
  5. Целосно покритие vs. делумна корекција. Одлучете дали е неопходно да го покривате целото лице со пудра. Понекогаш е доволно да маскирате само мали области, а сепак да имате блескав изглед. Надарени сте со убава кожа и сакате да коригирате само неколку несовршености по кожата (ново мозолче, дамки од акни, подочници)? Тогаш не мора да ставате слој пудра на целото лице. Мејкап артистите советуваат со прстот да ставите мало количество врз областа која сакате да ја камуфлирате и нежно да ја разнесете пудрата околу неа за да не се познаваат јасни граници.
  6. Наместо коректор, искористете пудра од капачето. Немате коректор, а неопходна ви е камуфлажа на некоја дамка или мозолче? Земете со прстот од пудрата која останала на капачето и нежно нанесете врз проблематичниот дел од кожата. Не тријте при нанесувањето, туку нежно тапкајте. „Засушената“ пудра од капачето нуди поголемо покритие.
  7. Ставајте течна пудра на очните капаци, дури и ако не користите сенка. И за дневен природен изглед, не ги прескокнувајте очните капаци кога нанесувате течна пудра. Пудрата ќе ги покрие ситните црвени капилари и очите ќе изгледаат поодморени и поотворени. Ако користите сенка за очи, тенкиот слој течна пудра ќе влезе во улогата на основа и шминката ќе остане беспрекорна подолго време.
  8. Домалиот прст е идеално помагало за прикривање на подочници. Кожата на домалиот прст е најмека и најнежна, па затоа тој е идеален за покривање на темните кругови околу очите со пудра. При прикривањето на најтемниот дел, кај внатрешниот агол на очите, користете само тапкање, без да ја размачкувате пудрата.
  9. Започнете со нанесување на пудрата од центарот на лицето. На почетокот ставете точки пудра во центарот на челото, носот, на образите под очите и на брадичката. Со помош на четка, сунѓерче или прстите, започнете да ја разнесувате пудрата кон краевите на лицето. Најголем дел од мејкап артистите користат четки за течна пудра, но не се малку и оние кои сметаат дека прстите се најдобрата алатка.
  10. Не заборавајте да го погледнете вратот. Ако имате избрано соодветна пудра, едвај ќе можете да забележите разлика помеѓу бојата на кожата на вратот и таа на лицето. Но, за секој случај, по ставањето на пудрата, подигнете ја главата и добро разгледајте што се случува под вилицата. Ќе се согласите дека изгледа мошне непријатно кога ќе здогледате жена на која пудрата ѝ стои како маска бидејќи ѝ се познава остра граница меѓу лицето и вратот. За да не дојдете во таква ситуација, добро размачкајте ја пудрата надолу кон вратот.
  11. Најмалку пудра нанесувајте на „брчките од смеење“. Веројатно сте забележале дека пудрата најмногу се познава на линиите кои се создаваат покрај усните додека се смеете. Затоа, при нанесувањето на пудрата, на оваа област ставете минимално количество пудра.
  12. Фиксирајте ја течната пудра со пудра во прав. За совршен финиш, фиксирајте ја течната пудра со нежно и умерено нанесување на пудра во прав. Доколку течната пудра дава мат ефект, може и да го прескокнете овој чекор. Но, ако имате масна кожа, веројатно ќе биде подобро да ја „заклучите“ течната пудра со малку камена пудра или транспарентна пудра во прав.
Нанесување на пудраЗапочнете со нанесувањето на пудра од центарот на лицето кон краевите

Дополнителни совети

  • Летниот тен бара и нова пудра. Вистинската нијанса на пудра за вас може да варира. Погрешно е да ја користите истата пудра и во текот на зимата и за време на летните месеци кога сте добиле потемен тен. Бидете подготвени за летното сончање, обезбедете си потемна пудра и не заборавајте да ја понесете со вас на одмор. Сигурно не сакате на фотографиите од лудите летни ноќи да изгледате како да носите бела маска на лицето.
  • Ако сте купиле погрешна нијанса и не можете да ја смените... не брзајте веднаш да ѝ ја подарите на вашата пријателка. Прво обидете се да ја искомбинирате со друга пудра која веќе ја поседувате за да добиете што поблиска нијанса до вашата кожа. Можно е токму со комбинирање на различни пудри да ја добиете онаа совршената за вас.
  • Секогаш започнувајте со чисти раце и чисто лице. За најдолготраен ефект, кожата на лицето треба да ви биде чиста. Доколку ја размачкувајте пудрата со прстите, рацете мора да ви бидат чисти за да не разнесувате бактерии по нежната кожа на лицето.
  • Пред пудрата нанесете безбојна подлога или соодветен крем, а потоа дајте му време да се впие. Безбојната пудра е одлична подлога која ја измазнува текстурата на кожата. Но, доколку не користите основа за шминката, задолжително ставете на лицето крем. Многу важен момент е да бидете трпеливи и да го оставите кремот да се впие во кожата. Доколку нанесувате пудра веднаш по ставањето крем, вие ја разредувате пудрата и го намалувате степенот на покривање. Исто така, може да завршите и со непријатни флеки по кожата. Немате време да чекате? Земете еден тенок слој од салфетка, ставете го врз лицето и нежно притиснете за да го отстраните вишокот крем.
  • Ако користите четка, разнесувајте ја пудрата со движења одгоре надолу. Ако правите движење оддолу нагоре, со четката ќе ги подигнете сите мали нежни влакненца со кои се прикриени образите и тие ќе станат поисправени и повидливи. Затоа, движете се одгоре надолу и од центарот на лицето кон краевите.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20782 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.