Почетна » Здравје » Интимно » Што секоја тинејџерка треба да знае за менструацијата?

Што секоја тинејџерка треба да знае за менструацијата?

Менструалниот циклус е нормален, природен и многу важен дел од животот на секоја жена во репродуктивна возраст. Првата менструација го означува влегувањето на младите девојки во светот на возрасните и сигнализира дека нивното тело е подготвено за репродукција.

Како и сите други промени кои ги носи пубертетот, и менструалниот циклус може да биде неразбирлив за младите девојки. Менструацијата е деликатна тема, обвиена со митови и погрешни сфаќања, па редовно предизвикува забуни кај адолесцентките.

Девојка која има менструација

Што е тоа менструација?

Секој месец ендометриумот (внатрешната обвивка на матката) се зголемува подготвувајќи се да ја прифати оплодената јајце-клетка при евентуална бременост. Ако жената не забремени, тој се одделува од матката, се распаѓа и го напушта телото во форма на менструално крварење, кое минува низ грлото на матката и вагината. Месечното крварење на жената се нарекува и менструација, мензис или менструален период. Првата менструација го означува и почетокот на овулацијата во женското тело и е знак дека жената може да забремени. Менструалниот период е само дел од месечниот менструален циклус на жената.

Иако исцедокот за време на менструација најчесто се нарекува менструална крв, поправилно е да се нарекува менструална течност, затоа што покрај крв содржи и цервикална слуз, вагинални секрети и ендометријално ткиво.

На која возраст девојчињата ја добиваат првата менструација?

Растењето на градите кај девојчињата и појавата на темни влакна под пазувите и на интимните делови се предвесници на првата менструација. Најчесто девојчињата ја добиваат првата менструација, која се нарекува и менарха, на возраст од 9 до 16 години, но просечно на 12-годишна возраст.

Што ако наполнам 17 години, а сè уште немам менструација?

Развојот на секоја девојка е уникатен – некои влегуваат во пубертет порано, некои подоцна. Отсуството на менструација на 17-годишна возраст најверојатно не е индикатор за постоењето на проблем, но за секој случај се препорачува консултација со стручно лице.

Колку време трае менструалниот период?

Менструалниот период најчесто трае 3-5 дена. Кај некои девојки крварењето трае до 7 дена и тоа се смета за нормално. Но, ако менструалните крварења траат подолго од 7 дена, три месеца по ред, се препорачува консултација со гинеколог.

Колку крв се губи во текот на еден менструален период?

Најчесто првите 2-3 дена од менструалниот период се најтешки и тогаш жената губи најмногу крв. Наредните 2-4 дена се карактеризираат со умерено крварење.

Иако може да ви се чини дека губите многу крв за време на менструацијата, всушност просечно истекува само околу 35ml или 2,4 супени лажици менструална течност. Во рамките на нормалното е истекување на менструална течност од околу 10-80ml (1-6 супени лажици).

Мојата менструална крв не е секогаш црвена. Треба ли да бидам загрижена?

Менструалната течност е потемна од чистата крв. Нормално е бојата на менструалната крв да варира од црвена со темнокафеава, дури и да стане црна во последните денови од менструацијата. Темната боја е знак дека крвта е постара.

Што е тоа ПМС?

Во разговорите често се користи кратенката ПМС, која се однесува на т.н. предменструален синдром. Тоа е нормален дел од менструалниот циклус и вклучува физички и емоционални симптоми кои се појавуваат непосредно пред менструацијата, како: акни, подуеност, истоштеност, болки во половината, чувствителни и отечени гради, главоболки, зголемен апетит, раздразливост итн.

Кај некои девојки симптомите се поизразени и можат да бидат ублажени само со соодветни лекови.

Што е тоа менструален циклус?

Менструалниот циклус опфаќа низа промени (менструални симптоми, ПМС, хормонални промени, овулација итн.) низ кои минува женското тело секој месец, подготвувајќи се за бременост. Тој започнува на првиот ден од менструалното крварење и трае до првиот ден од следното менструално крварење. Менструалниот циклус го снабдува телото со важни хормони и на тој начин го одржува неговото здравје.

Колку долго трае нормалниот месечен циклус?

Нормалниот менструален циклус најчесто трае 28 дена. Но, времетраењето на циклусите може да варира од 21 до 35 дена кај возрасните и од 21 до 45 дена кај тинејџерките.

Речиси никогаш не ми доаѓа на време. Зошто?

Најчесто во првите години менструациите не се редовни. Во овој период девојките може да прескокнуваат цели циклуси или циклусот да се повтори двапати во еден месец. Обично се потребни една до две години за циклусот да се регулира и да можете точно да предвидувате кога ќе настапи наредната менструација.

Но, ако изминале повеќе години од првата менструација, а вие сè уште немате редовен циклус, потребно е да се консултирате со гинеколог.

До кога жените имаат менструација?

Жените добиваат менструација само додека се во репродуктивниот период кој не трае вечно. Најчесто жените имаат околу 500 менструални периоди во текот на животот.

Менструалното крварење прекинува во периодот наречен менопауза, кој тешко може да се предвиди. Некои жени влегуваат во менопауза веднаш штом ќе наполнат 40 години, други кога ќе наближат до 60-тата година од животот. Но, се смета дека во просек менопаузата настапува на возраст од 45 до 55 години.

Крајот на менструалните периоди во животот на жената значи и крај на овулацијата, а воедно и на можноста таа да забремени.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20782 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.