Што е конјуктивитис и што го предизвикува?
Конјуктивата претставува тенка мукозна мембрана која го покрива внатрешниот дел на очните капаци и склерата (белката на окото). Воспалението на конјуктивата се нарекува конјуктивитис. Може да биде акутно, кое е со поизразена симптоматологија или хронично, каде најголем дел од случаите имаат оскудна клиничка слика.
Најчести причини за појава на конјуктивитис се:
- Бактериска инфекција;
- Вирусна инфекција;
- Алергии;
- Туѓо тело во окото;
- Иритација на окото со хемиски материи;
- Суво око поради недостиг на солзи;
- Нецелосно отворен солзен канал (се јавува кај бебиња и деца).
Во одредени случаи конјуктивитисот може да биде во склоп на некое хронично системско заболување.
Дали црвенилото на окото секогаш е резултат на конјуктивитис?
Окото може да биде црвено како резултат на крвни подливи под конјуктивата или поради зголемена прокрвеност на крвните садови на окото.
Крвните подливи можат да се јават поради одредени заболувања (дијабетес, артериска хипертензија), при повреда или поради зголемено напрегање (интензивна кашлица, опстипација), додека зголемената прокрвеност најчесто се должи на воспалителни процеси на окото (конјуктивитис, кератитис, иридоциклитис и др.).
Што значи, не секое црвенило на око е предизвикано од воспаление на конјуктивата, но доколку станува збор за конјуктивитис, црвенилото е еден од симптомите.
Како се препознава конјуктивитисот?
Симптомите варираат во зависност од причината која го предизвикува воспалението. Најчесто, конјуктивитисот се манифестира со:
- Зацрвенето око (конјуктивална хиперемија);
- Чувство на чешање, боцкање или гребење во окото;
- Затворени очни капаци кои спонтано тешко се отвораат (блефароспазам);
- Осетливост на светлина (фотофобија);
- Зголемено солзење (епифора);
- Зголемено количество секрет (серозен, мукозен, гноен или во ретки случаи крвав).
Дали конјуктивитисот е заразен?
Конјуктивитисот предизвикан од бактерии и вируси е заразен и лесно може да се пренесе. Најчест начин за пренос на инфекцијата е преку директен контакт или користење на исти предмети заедно со инфицирано лице, а поретко преку кашлање или кивање.
Конјуктивитисот кој нема инфективна етиологија не е контагиозен.
Кој е третманот за конјуктивитис?
Лекувањето на конјуктивитисот може да биде етиолошко – насочено кон лекување на причината или симптоматско – насочено кон лекување на симптомите.
Кај лесна форма на конјуктивитис, со цел ублажување на симптомите, се препорачува ставање на облоги од камилица или 3% раствор на борна киселина.
Доколку причината е бактериска инфекција, потребно е аплицирање на локален антибиотик во вид на маст или капки, а во ретки случаи се дава и системски антибиотик. При вирусен конјуктивитис не е потребна апликација на антибиотици, доволно е симптоматско лекување. За алергискиот конјуктивитис потребни се лекови кои помагаат во контролата на алергиските реакции како антихистамини, кортикостероиди и антиинфламаторни лекови. При иритација на окото со хемиски материи потребен е итен офталмолошки преглед.
На што треба да се внимава за да се превенира појава на конјуктивитис?
Најдобриот „лек“ за кое било заболување е превенцијата. Затоа, за да го намалите ризикот од конјуктивитис, применувајте ги следните совети:
- Редовно одржувајте хигиена на рацете;
- Не ги допирајте очите со нечисти раце;
- Менувајте ја крпата за раце секој ден;
- Не ја позајмувајте вашата крпа на други лица;
- Менувајте ја навлаката за перница на секои 3 дена;
- Одржувајте ги чисти четките за шминка;
- Не ги позајмувајте шминките.
Доколку имате конјуктивитис, фрлете ја шминката за очи која сте ја користеле претходно со цел да спречите повторување на инфекцијата.
Напомена: Понудените совети не се замена за лекарски преглед. Затоа, доколку имате изразена симптоматологија, веднаш консултирајте го вашиот лекар.