Почетна » Здравје » Заболувања » Ишијас – симптоми, причини, дијагноза и терапија

Ишијас – симптоми, причини, дијагноза и терапија

Ишијасот се карактеризира со болка во долниот дел на грбот, која преку колкот се спушта во задниот дел на ногата, а во одредени случаи ги зафаќа стапалото и прстите. Најчесто се јавува само на едната страна.

Интензитетот на болката варира. Најголем дел од луѓето закрепнуваат без специфична терапија.

Ишијас

Што претставува ишијасот?

Ишијасот, познат уште и како лумбоишијалгија, претставува невралгија која примарно се карактеризира со болка во пределот на телото кој е инервиран од n. ischiadicus.

N. ischiadicus е најголемиот нерв во човечкото тело, кој започнува од долниот предел на грбот и испраќа нервни гранки сè до потколеницата и стапалото.

Ишијас

Симптоми на ишијас

Главен симптом е остра, жаречка болка пропратена со чувство на трнење, слабост, вкочанетост и здрвување. Во најголем дел од случаите се јавува еднострано, односно од половината се спушта по должината на едната нога.

Одредени положби на телото може да влијаат врз интензитетот на болката, па така болката најчесто се зголемува при исправена положба, одење, клекнување или свиткување во половината, додека во лежечка положба, болката делумно се намалува или целосно исчезнува.

Причини за појава на ишијас

Постојат повеќе причини за појава на овој тип невралгија. Најчесто станува збор за:

  • Piriformis синдром. Мускулот пириформис се наоѓа длабоко во глутеалната регија (задникот) и е поставен веднаш над n. ischiadicus. Доколку настане спазам на овој мускул, тоа може да направи притисок врз нервот, поради што би се појавиле симптомите на ишијас. Најчести причини за спазам на овој мускул се долги периоди на седечка положба во текот на денот и намалена физичка активност. Но, може да се јави и при извршување на одредени физички активности како трчање или возење велосипед, доколку пред извршување на активноста не се практикуваат вежби за истегнување и зајакнување на мускулатурата.
  • Херниран интервертебрален дискус во лумбален дел. Внатрешниот централен дел на дискусот може да хернира и да врши притисок врз нервот поради што се јавува болка.
  • Дегенеративно заболување на интервертебралниот дискус во лумбален дел. Дегенерацијата на дискусите е нормален процес при стареењето, но кај одредени луѓе овој процес во лумбалниот дел, може да направи иритација на n. ischiadicus и да се јави болка.
  • Инфекции, повреда или тумор.
  • Бременост. Промените низ кои поминува телото при бременост како зголемување на телесната тежина, притисок од плодот и хормонални промени, може да доведат до појава на ишијас.
  • Спондилолистеза. Поради мала стрес фрактура настанува дислокација на прешленското тело кон напред, со што се врши компресија на нервот.

Исто така, ишијасот може да се јави секундарно, како резултат на некое примарно заболување како дијабетес.

Дијагноза

За дијагноза на ишијас, потребно е примарно да се земе добра анамнеза и да се направи детален физикален преглед.

Со цел да се одреди причината за појавата на ишијас, во некои случаи потребни се и дополнителни испитувања како правење на електромиограм, рендген, компјутерска томографија и магнетна резонанца.

Терапија

Постојат неколку опции за третман во зависност од причината која довела до појава на симптомите, како и нивниот интензитет.

Најчесто се препорачува:

  • Поставување на ладни или топли облоги. Ставете ладна или топла облога на болната регија и оставете да делува околу 20 минути. Повторувајте ја постапката околу 2 часа. Луѓето кои страдаат од ишијас најчесто користат ладни облоги, иако кај дел од нив топлите облоги постигнуваат подобри резултати при справување со болката. Затоа експериментирајте и проверете кој тип на облога ќе ви помогне повеќе.
  • Лекови. Најчесто се користат аналгетици за ублажување на болката, мускулни релаксанти и др. Во потешки случаи се применува кортико терапија.
  • Физичка активност. При ова заболување важна е физичката активност, но во зависност од здравствената состојба и степенот на тежина на заболувањето, одредени вежби не се препорачуваат. Затоа консултирајте се со вашиот лекар и придржувајте се до препораките. Важно е да се потенцира дека физичка активност не се препорачува во период додека имате силни болки. Откако ќе помине болката, се советува практикување на лесна физичка активност.
  • Хируршки третман. Во одредени случаи, единствена опција за лекување е хируршка интервенција, која за среќа не е потребна кај најголем дел од пациентите.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 19735 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.