Почетна » Здравје » Заболувања » Болка во вратот

Болка во вратот

Се смета дека повеќе од две третини од светската популација во одреден период од својот живот, ќе страдаат од вратна болка. Поради современиот начин на живеење, бројката на афектирани со овој проблем секојдневно се зголемува. Стресот, намалената секојдневна физичка активност, работата пред компјутер и неправилното држење на телото при седење, се само дел од причините кои може да предизвикаат вратна болка.

Вратна болка

Оваа состојба може да ја ограничи способноста за нормално и непречено извршување на секојдневните активности. Затоа, дознајте сè за вратната болка и за тоа кои животни навики треба да ги промените со цел да се ослободите од неа.

Кои се можни причини за појава на болка во вратот?

Вратната болка може да биде акутна (присутна помалку од 12 недели) или хронична (болката е присутна повеќе од 12 недели).

Постојат повеќе причини кои може да резултираат со болка на вратот како:

  • Повреда или истегнување на некоја структура од вратната регија (мускул, тетива или лигамент). Тоа е најчестата причина за вратна болка. Ризик фактори кои доведуваат до истегнување или згрчување на вратните мускули и појава на вратна болка се: лошо држење на телото при седење и одење, стрес, намалена физичка активност, работа поврзана со седење, лоша положба при спиење итн.
  • Дегенеративно заболување на интервертебралниот дискус во вратна регија (цервикална спондилоза). Станува збор за заболување кое ја афектира постарата популација.
  • Херниран диск. Поради хернирање на дискусот (структура која се наоѓа измеѓу два пршлени) и притискање на одреден нерв, може да се јави болка во вратот. При оваа состојба болката често се шири и кон други делови од телото кои се инервирани од зафатениот нерв.
  • Инфекција. Инфекција на грлото од одредени микроорганизми, може да предизвика отекување на вратните лимфни јазли, кои најчесто се болни, особено на допир.

Други причини за појава на вратна болка се тендинитис, субакутен тироидитис, нарушена циркулација во вертебробазиларниот сплет на крвни садови, спинална стеноза, ревматоиден артритис, анкилозирачки спондилитис, тортиколис, мигрена, остеопороза, фибромијалгија, срцев инфаркт, менингитис и тумор.

Во зависност од тоа која е причината што довела до појава на вратната болка, може да се присутни и други пропратни симптоми како главоболка, болка која се шири кон лицето или рамената, вртоглавица, трнење на рацете, болка во грбот, недостаток на воздух, гадење, повраќање и др.

Како до точна дијагноза?

Вратна болка

За да се постави точна дијагноза потребно е лекарот да земе темелна анамнеза. Од лекарскиот преглед треба да се добијат информации за каков тип на болка станува збор, кога се јавила, дали има други пропратни симптоми и знаци, дали одредена положба је подобрува или влошува болката итн.

По потреба, може да се направат и дополнителни испитувања како компјутерска томографија, магнетна резонанца, електромиографија и др.

Како да ја ублажите вратната болка во домашни услови?

  1. Ставете топли или ладни облоги на проблематичната област. Кој тип на облога ќе помогне повеќе, е индивидуално, па затоа експериментирајте. Без разлика дали ќе се одлучите за топла или ладна облога, потребно е да делува 15 до 20 минути, а постапката да се повторува на 2-3 часа. Добро е да се спомене дека медицински не е потврдено дека топлите/ладните облоги со сигурност ќе ја намалат болката.
  2. Практикувајте соодветни вежби. Секојдневно вежбање и раздвижување на мускулите на вратот на долгорочен план може да ви помогне да се ослободите од болката. Се смета дека вежбите за зацврстување на вратната мускулатура, особено помагаат кога станува збор за вратна болка од хроничен тип. Погледнете ги следните вежби:

    Пред да почнете со вежбите, ставете топла облога на вратот за да се загреат згрчените мускули и зглобови. Со тоа ќе може полесно да се раздвижите. По вежбањето ставете ладни облоги.

    Внимание! Практикување на вежби за вратните мускули не се советува кога болката е со силен интензитет. Исто така, при одредени здравствени состојби кои предизвикуваат вратна болка, не се советува физичка активност. Затоа, доколку имате изразена вратна болка, советувајте се со вашиот лекар.

  3. Измасирајте се. Масажата е одличен начин за релаксирање на вратната мускулатура и ослободување од болката. Доколку не сте во можност да посетите салон за масажа или да добиете масажа од некој ваш близок, измасирајте се сами. Погледнете како во следното видео:

  4. Правилно држете го телото додека стоите и додека седите.
  5. Променете ја позицијата во која спиете како и перницата за спиење.
    • При проблеми со болка во вратот, најдобрите позиции за спиење се на грб или настрана.
    • Користете перница со пердуви за да може да се обликува според формата на вашата глава и врат. Друга варијанта е перница со мемори пена, која исто така се прилагодува на обликот на главата и вратот. Имајте на ум дека со тек на време перниците со пердуви спласнуваат, па по одреден временски период, треба да се променат.
    • Избегнувајте перници кои се многу тврди и високи, бидејќи тие го „фиксираат“ вратот во текот на ноќта, а тоа може да резултира со вратна болка.
    • Доколку спиете настрана, најдобро е колку што е можно да се спречи искривување на ‘рбетот. Затоа, користете перница која во пределот на вратот е повисока во споредба со пределот каде е поставена главата.
    • При долги патувања, за време на кои постои можност да заспиете, понесете со себе соодветна перница (во форма на потковица), за да обезбедите добра потпора на главата и вратот.
  6. Ослободете се од стресот. Стресот е број еден непријател кога станува збор за вкочанетост и болка на вратот и грбот. Затоа, практикувајте вежби за релаксација и медитација, јога и сл.
  7. Земете лекови против болка. Доколку болката е неиздржлива, земете лекови против болката, како што се нестероидните антиинфламаторни лекови. Покрај лековите против болка, може да се применат и миорелаксанти – лекови за релаксирање на мускулатурата.
  8. Откажете ги цигарите. Цигарите го намалуваат крвниот проток и го одложуваат заздравувањето. Затоа, намалете со пушењето или целосно откажете се од овој порок.
  9. Посетете физиотерапевт. Професионалната помош од физиотерапевт може значително да влијае на подобрување на состојбата.

Забелешка: Доколку страдате од интензивна вратна болка, консултирајте се со вашиот лекар.

Медицина

Д-р Марија Михајловска
Доктор по медицина

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20782 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.