Почетна » Здравје » Заболувања » Анорексија

Анорексија

Денес, кога да си слаба значи дека си згодна, многу е тешко, а да не сте преокупирани со тежината. Модните списанија, рекламите и телевизијата, постојано ни ги ставаат пред нос слабите тела на моделите, а најлошото е што тие слаби тела се одобрени од многу други жени.

Додека светот се бори со проблемот дебелина, многу жени страдаат од спротивниот проблем - анорексијата.

Анорексија
Анорексијата е сериозно пореметување во исхраната, кое не треба да се игнорира.

Што е анорексијата?

Анорексијата е сериозно, најчесто хронично пореметување во исхраната. Луѓето кои страдаат од анорексија се преокупирани со храната, нивната тежина и формата на телото. Тие се обидуваат да одржуваат телесна тежина, која е под нормалните граници за нивната возраст и висина.

За да го спречат покачувањето на тежината или за да продолжат да слабеат, луѓето кои имаат анорексија или гладуваат или вежбаат до исцрпување.

Анорексијата е повеќе застапена меѓу жените, отколку помеѓу мажите. Многу често се појавува кај адолесценти, но тоа не е правило. Од анорексија може да страда и возрасен човек.

Симптоми

Некои луѓе кои имаат анорексија ја губат тежината со строга рестрикција на храната која ја внесуваат. Други се насочуваат кон исцрпно вежбање, а трети се обидуваат да ги намалат килограмите со помош на прочистување со лаксативи или повраќање.

Симптомите по кои можете да го познаете присуството на анорексија можат да бидат физички, емоционални или знаци во однесувањето.

Физички знаци на анорексијата:

  • Екстремна загуба на тежина;
  • Многу слаб/а на изглед;
  • Умора;
  • Вртоглавица;
  • Кршливи нокти;
  • Опаѓање на косата или ретка коса;
  • Отсуство на менструација;
  • Дехидратација;
  • Запек;
  • Сува кожа;
  • Нерегуларен срцев ритам;
  • Низок крвен притисок.

Лице кое има анорексија може да ги има овие знаци во неговото однесување:

  • Одбива да јаде;
  • Негира дека чувствува глад;
  • Вежба до исцрпување;
  • Постојано се гледа во огледалото и застанува на вагата;
  • Не покажува многу емоции;
  • Тешко му е да се концентрира;
  • Преокупирано е со храната.

Причини за појавата на анорексија

Освен притисокот од модерниот начин на живот, анорексијата може да биде предизвикана и од други причини.

Биолошки причини. Истражувањата покажуваат дека во фамилијата може да се појави генетска предиспозиција кон анорексија. Ако една девојка има сестра или брат, кој страда од анорексија, веројатноста и таа да заболи од ова нарушување се зголемува за 10 до 20 пати.

Психолошки причини. Луѓето со анорексија најчесто се перфекционисти и постигнуваат многу. Тие прават сè што ќе им кажат родителите и се стремат да им удоволат да луѓето околу нив. Иако надворешно функционираат беспрекорно, внатрешно се чувствуваат очајно, беспомошно и се самооценуваат многу критички.

Притисок од семејството. Ако родителите обрнуваат премногу внимание на изгледот, држат редовно диети или ги критикуваат своите деца за нивната тежина, можат да придонесат за развој на анорексија кај детето.

Социјален притисок. Ако лицето учествува во спортови кои бараат слаб изглед, како гимнастика или балет, може да се појави притисок од околината кој лесно преминува во анорексија. Истото се случува и со многу жени кои се занимаваат со манекенство.

Совети

Ако ваш близок страда од анорексија, вие треба да го поддржите да побара стручна помош. Тој/таа најверојатно ќе одбива и ќе негира дека има проблем, па затоа треба да бидете трпеливи. Во никаков случај не бидете агресивни и нападни и да му кажувате дека ќе умре ако не јаде. Подобро е да му објасните колку сте загрижени и дека сакате да му помогнете да биде здрав/а.

Ако вие страдате од анорексија, следете ги следните совети:

  1. Придржувајте се кон планот за лекување. Одете на сите терапии и јадете ги сите оброци, дури и ако тоа ве прави да се чувствувате неудобно.
  2. Зборувајте со вашиот доктор да ви препорача дополнителни витамини и минерали. Ако страдате од анорексија, најверојатно страдате и од недостаток на некои витамини и минерали, кои треба да ги надоместите како додаток кон исхраната.
  3. Не се изолирајте. Одржувајте близок контакт со вашето семејство и луѓето кои сакаат да ви помогнат.
  4. Одбегнувајте да се гледате постојано во огледалото или да се мерите на вагата. Тоа само ќе ве враќа назад, затоа што ќе сакате да продолжите со нездрав начин на живот.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 19666 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.