„Мила има само еден месец. Родена е во сиромаштија, во распадната куќа во селото Дулица, далеку од сè што значи безбедност. Спие на стар душек ставен на цигли, под дупчест таван, опкружена со студ и влага“ – вака од еCrowd го започнуваат апелот за помош за бебето Мила и нејзините родители Ерика и Здравко.




Отворете го срцето и донирајте на нивната краудфандинг платформа за бебенцето да може да порасне во топол и безбеден дом.
Кликнете на овој линк за да донирате за бебето Мила.
Мила во моментов живее во распадната куќа без под, без прозорци и без храна, во страв и студ, а нејзиното семејство ги замолува сите хумани граѓани да им помогнат да создадат нов дом за ќеркичката да не го живее истиот живот како нив.


Ерика и Здравко се млади и полни со љубов, но и со здравствени потешкотии, немаат средства ни за храна, ни за греење, ни за основни услови. Ако Мила се разболи, нема каде – нема пат, нема такси, нема доктор. А времето до градот пеш е предолго за толку мал живот.
Семејството моли за помош – не за луксуз, туку за шанса. Во Виница имаат стара недовршена куќа. Ако се уредат само две соби, ќе можат да се преселат поблиску до амбуланта, до продавница, до иднина. За Мила. Да не расте во студ, да не живее во страв. Секоја донација, секое споделување, секој добар збор – е чекор кон дом за едно бебе кое го заслужува светот.
За да можат Ерика, Здравко и малата Мила да се преселат во куќата во Виница и да започнат нов, побезбеден живот, потребни се 300.000 денари. Со тие средства ќе се уредат две соби – ќе се постави под, ќе се санира кровот, ќе се вградат прозорци и врати, ќе се обезбеди основен мебел и поврзување со вода и струја. Сè што е неопходно за едно бебе да расте во топлина и сигурност. Ова семејство не бара многу – само услови да живеат достоинствено и да ја заштитат својата ќерка.




