Почетна » Здравје » Совети за здравјето » Како да останете расположени и енергични во зимските денови?

Како да останете расположени и енергични во зимските денови?

Зимското сивило лесно може да ви ја украде насмевката, да ви ја намали енергијата и да ве остави без желба да правите било што. Често се проѕевате, ве мрзи да ја подигнете раката, не можете да се концентрирате да читате, продуктивноста на работа ви се намалува... Сето тоа е знак на недостаток на енергија.

Освен тоа, наскоро започнуваат и новогодишните забави. Колку и да се интересни и забавни празнувањата, тие знаат да нè остават исцрпени.

Убава насмеана женаОблечете се во повесели бои за да си го подобрите расположението и да го разбиете зимското сивило

Немате време за да мислите на подолгорочни начини за зголемување на енергијата? Тогаш, продолжете да читате за да дознаете што може да ви ги наполни батериите уште веднаш и да ви ја врати широката насмевка.

  • Искористете ја моќта на флертот. Флертот дефинитивно ќе ве расони, ќе направи срцето побрзо да ви чука и ќе го активира „заспаниот“ мозок. Насмевнете се неодоливо и разменете некоја шега со личност што го привлекува вашиот поглед. Само внимавајте да не преминете одредени граници и невиното флертување да се претвори во сериозно, па да си создадете проблеми. Невиното забавно флертување е ефективен начин да си ја зголемите енергијата и да си го вратите ведрото расположение.
  • Дотерајте се. Треба да излегувате, а немате енергија, ниту пак расположение за забава? Соберете ги последните сили и изберете супер комбинација што ќе направи да блеснете со цел свој сјај. Веднаш ќе ви се покачи самодовербата, а со секој комплимент што ќе го добивате, ќе се покачува и вашето расположение и вашата енергија. Дома сте, а ви треба енергија? Станете и извадете облека од вашиот плакар. Пробајте неколку различни комбинации за различни прилики. Моментално ќе се почувствувате како некој да ви дал доза свежа енергија.
  • Облечете весели светли бои. Разбијте ја црно-сивата комбинација со црвен шал и весело капче. Црната и сивата боја делуваат меланхолично, па ако сакате да го избегнете таквото расположение, или комбинирајте ги тие бои со светли или избегнувајте ги целосно. Разновидните бои ќе ви помогнат да го победите зимското сивило и да си ја вратите енергијата.
  • Излезете на кратка прошетка. Додека мрзеливо се протегате во креветот или се обидувате да ја држите главата исправена на вашето биро, сигурно последното нешто што ви паѓа на памет е да одите на прошетка. Но, треба да го направите токму тоа. Излезете 10-15 минути на чист воздух и веднаш ќе почувствувате дека со секое вдишување се исполнувате со нова енергија.

    Особено е важно да го користите секој сончев ден. Недостатокот на сончева светлина предизвикува појава на симптоми на депресија. Затоа, колку и срамежливо да ѕирка сонцето, вие излезете надвор за да „фатите“ некој негов зрак. Можеби ќе сретнете некој што долго време сакате да го видите.

  • Напијте се чај. Меѓу многуте бенефиции кои ги нуди пиењето чај е и тоа што го намалува стресот, а неговата топлина прави да се чувствувате подобро. Кога се чувствувате истоштени, наместо кафе или енергетски пијалок, напијте се шолја чај.
  • Расонете се со ладен туш. Повеќето луѓе се обидуваат што повеќе да се затоплат во зима. Но, топлиот воздух или топлиот туш може да ве остават поспани, па да мислите само на излежување пред телевизор. Ако сте доволно храбри, на крајот од туширањето постепено намалувајте ја топлата вода и неколку секунди разладете се со ладна вода. Сепак, ако не можете да го поднесете ладниот туш, измијте го вашето лице со ладна вода и пуштете да тече ладна вода по дланките на рацете и внатрешниот дел на зглобовите.
  • Помирисајте нешто убаво. Земете лимон или портокал и исцедете го неговиот сок. Испијте го без да го засладувате, а потоа неколку минути мирисајте ја кората од плодот. Витаминот Ц ќе ве освежи, а мирисот ќе ве расони и ќе ви даде енергија. Мирисот на лаванда е исто така одличен за домашна ароматерапија.
  • Каснете две коцки чоколадо. Но, не повеќе. Чоколадото во умерени количини е многу полезно затоа што го поттикнува лачењето на хормонот на среќата, а исто така ја зголемува и енергијата. Најдобар избор е темното чоколадо.
  • Прегрнете некого. Без разлика дали тоа е вашиот сакан, вашите деца, вашата пријателка или вашето домашно милениче, топлата прегратка ќе го стопли вашето срце во ладните зимски денови и ќе ви го врати посакуваното добро расположение.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 19765 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.