Тмурните утра и поспаните попладниња се вистински убиец на продуктивноста на работното место. Кога енергијата ќе замре и истоштени ќе дремете над бирото, не мора повторно да се фаќате за кафето како давеник за сламка. Вратете си ја концентрацијата и способноста за фокусирање со зголемување на енергијата на следниве начини:
- Накратко поразговарајте на телефон со блиска личност. Доволно е да поразговарате неколку минути со саканиот, децата или верна пријателка за да ви се намали стресот, да ви се подобри расположението и да добиете нови сили за работа. Без причина јавете се некому и разговорот ќе ви делува како енергетска бомба.
- Исправете го ‘рбетот. Кога енергијата ни е на минимум, автоматски потонуваме во столот. Но, подгрбавеното седење ги истоштува мускулите, не дозволува белите дробови да го снабдат телото со максималното количество кислород, а може и да предизвика главоболка. Правилното исправено седење помага за зголемување на енергијата и активноста на мозокот.
- Ослободете се од затнатиот нос. Не можете слободно да дишете поради затнат нос? Можеби токму тоа ви ја краде енергијата. Исекнете го носот, употребете спреј или капки за нос, или пак, лапнете ментол бонбона.
- Каснете моќна закуска во 15 часот. Луѓето најчесто се жалат дека ги напушта енергијата и концентрацијата во 15 часот попладне. Решение? Чувајте во фиоката непечени бадеми. Бадемите се богати со магнезиум и протеини коишто ја одржуваат енергијата стабилна. За максимален ефект, најдобро е да ги комбинирате со овошен јогурт.
- Слушајте весела музика. Ако имате можност, пуштете песни кои ви го забрзуваат срцето и ви будат убави емоции (на пример, летни хитови). Подобреното расположение ќе ви ги врати ентузијазмот и мотивацијата да останете активни.
- Дистанцирајте се од „цицачите“ на енергија. Си мислите дека не може да ви наштети разговор со здодевната колешка која секој ден се жали, критикува и омаловажува? Грешите. Некои луѓе се толку негативни, што можат да ве „испразнат“ за неколку минути. Ако се сомневате дека некој ви ја цица енергијата како вампир, подобро е да го избегнувате максимално.
- Помирисајте силна свежа арома. Мирисот на лимон, портокал, грејпфрут или лавандула имаат моќ да ве вратат во живот. Две-три минути поуживајте во ваква свежа арома и ќе имате доволно сила за да го довршите работниот ден со максимална посветеност.
- Напијте се чаша ладна вода. Ставете коцка мраз во водата и испразнете ја чашата. Дехидратацијата е чест и подмолен крадец на енергијата. Ниската температура на водата ќе го разбуди телото и ќе го фокусира умот.
- Измијте ги рацете со ладна вода. Ставете ги рацете под чешма и оставете ладната вода да потече и по рачните зглобови. Веднаш ќе ја убиете поспаноста и ќе се вратите на работното столче спремни за нови предизвици.
- Имајте обилен појадок, но лесен ручек. Обилниот појадок е најдобар почеток на денот, затоа што нè снабдува со енергија уште од утрото, но обилниот ручек ја поттикнува дремката. Прејадувањето ќе ви ја зголеми мрзеливоста и ќе ви ја намали ефективноста на работното место. Подобро е да изберете полесен ручек од којшто нема да ви биде тешко.
- Споделете шега или смешно видео со колегите. Групното смеење ќе ви го разведри расположението, ќе го елиминира стресот и ќе ви го покачи нивото на енергија. Шефот нема право да ви се лути. Истражувањата покажуваат дека кратките забавни активности во текот на работното време всушност ја зголемуваат продуктивноста на вработените (тука спаѓаат и кратките посети на социјалните мрежи како Facebook).
- Подигнете се неколку пати на прсти и истегнете се. Станете за момент, подигнете се неколку пати на прсти и протегнете ги рацете. На тој начин ќе си ја подобрите циркулацијата низ целото тело, а со тоа ќе ѝ кажете збогум на поспаноста.
- Променете го ставот. Ако се движите низ канцеларија жалејќи се колку сте исцрпени, ќе изгледате уморно и потсвесно уште повеќе ќе си ја намалите енергијата. Не се предавајте при првите знаци на замор. Останете активни и позитивни.