Почетна » Убавина и мода » Лице » Како визуелно да ги минимизирате порите на лицето?

Како визуелно да ги минимизирате порите на лицето?

Проширените видливи пори го уништуваат беспрекорниот изглед на кожата на лицето и се причина за загриженост на многу жени. За жал, трајното намалување на големината на порите е само женска фантазија. Секој дерматолог ќе ви потврди дека е невозможно перманентно да ја намалите големината на порите. Но, затоа пак можете визуелно да ги минимизирате малите дупчиња на кожата, за лицето конечно да го изгуби изгледот на кора од портокал и да стане помазно.

Жена со незабележителни пориПудрите со мат финиш се одлични за маскирање на проширените пори

Пред големината на порите да ви се претвори во опсесија и активно да се ангажирате за да ги минимизирате, потребно е да знаете дека порите се сосема нормален составен дел на кожата и дека совршените лица од рекламите кои никогаш немаат видливи пори и несовршености се апсолутно нереални.

Причини за појавата на проширени пори

Големината на порите е генетски предодредена. Обично луѓето со светол тен имаат помали пори, а луѓето со темен тен имаат поизразени и пошироки пори.

Исто така, типот на кожата на лицето игра голема улога. Сувата кожа се карактеризира со мали пори кои често не се воопшто видливи, додека една од карактеристиките на мрсната кожа се и големите пори.

На големината на порите влијаат уште неколку други фактори. Оштетувањето на кожата од УВ-зраците го намалува нивото на колаген, кој ја одржува цврстината и еластичноста на кожата, и како резултат на тоа порите може да станат повидливи. Количината на колаген се намалува и како последица на стареењето, па повозрасните жени често се жалат од зголемени пори на кожата.

Видливи пори може да се појават и поради механичка траума на кожата предизвикана од притискање на мозолче. Црнките и големите пори скоро секогаш одат во пакет, затоа што црните точки ги прошируваат порите.

Козметичка помош

Порите ќе изгледаат помали само ако се чисти и ако врз кожата нема наталожен слој мртви клетки. Оттука доаѓа и потребата од редовна ексфолијација на лицето. Лицата со чувствителна кожа не треба да го ексфолираат лицето повеќе од еднаш неделно. Доколку имате подебела кожа која не се иритира лесно, можете да си правите ексфолијација со нежен пилинг 2-3 пати неделно. Кога и да купувате пилинг за лице, гледајте тој да е нежен, затоа што претераното надразнување на кожата со груб пилинг може да доведе до зголемено лачење на природни масла кои само ќе ви ја влошат состојбата на лицето.

Намалувањето на видливоста на порите и отстранувањето на мртвите клетки може да се направи и со користење на козметички производи кои во својот состав вклучуваат АХА киселини (алфа-хидрокси киселини).

Ако имате и проширени пори и акни, користете производи со салицилна киселина.

Користете пудри со мат финиш. Кога кожата е сјајна, порите доаѓаат до израз. Маскирајте ги со помош на мат пудра.

И се разбира, многу е важна козметиката за заштита од сонце. Секојдневно заштитувајте ја кожата со производи со SPF 15.

Домашни трикови и совети за привремено стегнување на порите

Пулпа од домати за позатегната кожа

Можеби ќе ви звучи чудно, но доматите се најпрактичниот и најбезбедниот „лек“ за проширени пори. Едноставно исечете еден домат и изгмечете го за да направите пулпа, или пак, ставете го неколку секунди во блендер. Нанесете од пулпата на лицето и оставете ја да дејствува 20-30 минути. Веднаш ќе забележите дека кожата на лицето ви е позатегната, а порите сведени на минимум.

Дополнителен ефект: Ако кожата ви е мрсна, ставете во доматот малку овесни снегулки, затоа што тие ефикасно го елиминираат масниот сјај на лицето.

Маска за стегнување на порите со белки од јајце и портокал

Направете микс од две белки од јајце и ¼ чаша сок од портокал. Убаво измешајте ја смесата и нанесете ја на лицето. Оставете ја да се исуши, а потоа измијте со топла вода. Порите инстантно се собираат, а кожата добива привлечен блесок.

Тоник за минимизирање на порите со нане и јаболкова киселина

Земете 7-8 ливчиња свежо нане и искинете ги на ситни парчиња. Додајте четири лажици јаболкова киселина и малку изгмечете ги ливчињата. Ставете ја смесата во шишенце и оставете ја да отстои 5-6 дена. Потоа исцедете ја киселината за да ги отстраните ливчињата нане и додајте една чаша вода. Користете го растворот секојдневно пред легнување, затоа што киселината има силен мирис.

Брз ефект со мраз

Земете една коцка мраз и со неа поминете по лицето на местата каде што имате највидливи пори. Не го држете мразот на лицето долго време, затоа што тоа ќе ја трауматизира кожата.

Мразот ги намалува порите, а совршено време за користење на овој трик е пред нанесувањето на шминката за излегување.

Нежна ексфолијација со сода бикарбона

Сода бикарбоната ќе ви даде нежен пилинг. Еднаш неделно навлажнете го лицето со вода и на дланките ставете сода бикарбона. Со нежни кружни движења масирајте го лицето, без да триете, оставете 10-тина минути да се исуши, а потоа измијте со топла вода.

Дополнителен совет: Пред да користите нежен пилинг, отворете ги порите со парење на лицето. Ако ви е мачно да висите со главата над сад со топла вода, едноставно потопете крпа со топла вода и ставете ја 5-7 минути врз лицето. Ќе го добиете истиот ефект.

Маска за длабоко чистење со мед и глина

Измешајте една лажица мед со една лажица зелена глина. По ваша желба во маската можете да додадете неколку капки лимон. Ставете ја маската на лицето и оставете ја 15 минути. Измијте со топла вода.

Задолжително:

  • Мијте го лицето со нежен гел двапати дневно – наутро и навечер.
  • Никогаш не легнувајте да спиете со шминка на лицето.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 19668 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.