Бременоста и мајчинството се исполнети со прекрасни моменти кои вреди да бидат овековечени и запаметени.
Уживајте во бременоста и првата година од животот на бебенцето и искористете го овој период за да создадете слатки фото-спомени.
Во продолжение погледнете креативни идеи за фотографии „пред и потоа“ со вашето малечко и збогатете го семејниот албум со фотографии кои ќе ви мамат нежни насмевки во иднина.
Од првиот позитивен тест за бременост, до раѓањето
Првиот позитивен тест за бременост, снимка од ултразвук, пораснатото стомаче и бебенцето во вашиот скут... Овековечете ги овие четири прекрасни моменти и спојте ги во колаж.
Фотографирајте се во истата облека и истата поза за фотографиите да ви бидат што попривлечни.
Истата поза со саканиот, пред и потоа
Позирајте додека вашиот сопруг ви го гали и бакнува трудничкото стомаче, а потоа бебенцето.
Стомаче, па бебенце
Во последниот триместар од бременоста, фотографирајте си го трудничкото сомаче додека пред вас е поставена облека која ја подготвувате за вашето малечко. По породувањето, облечете го бебенцето токму во таа облека и фотографирајте се заедно во истата поза.
Во прегратката на мама
Најбезгрижните моменти се во прегратката на мама. Замолете го вашиот сакан да ве фотографира додека си го галите трудничкото стомаче, а по раѓањето, пресоздајте ја истата фотографија со бебенцето.
Со братчето или сестричката
Ако вашето семејство брои повеќе членови, вклучете ги и другите ваши дечиња во овој тип на фотографии. Нема да зажалите.
Растењето на трудничкото стомаче
Секоја измината недела од бременоста, фотографирајте се со стомачето во истата облека и со истата позадина. Колажот кој ќе го креирате ќе ви биде еден од омилените.
Со бремена пријателка или сестра
Доколку во исто време сте бремени со својата сестра или пријателка, не заборавајте да ги уловите тие моменти.
Првата прегратка во болница
Моментите на првата средба се најемотивни. Не пропуштајте да го доловите моментот кога за првпат ќе го земете вашето малечко во прегратка.