Почетна » Семејство » Бебе » 10 знаци дека бебето е подготвено за цврста храна

10 знаци дека бебето е подготвено за цврста храна

Дали вашето бебе ја има дуплирано својата родилна тежина? Дали посегнува по храната во вашата чинија додека јадете? Можеби е вистинско време да го запознаете со нови вкусови.

Воведувањето на цврста храна во бебешката исхрана може да биде забавно, интересно и незаборавно искуство, но за голем дел од родителите тоа знае да биде и конфузно. Новите мајки во најголемиот дел од времето добиваат спротивставени совети, па кога ќе се соочат со предизвикот наречен дохранување, кај нив се јавуваат прашања како „Кога треба да започнам?“, „Што да воведам прво?“, „Колку лажички да му дадам?“.

Иако најновите препораки на УНИЦЕФ, СЗО (Светската здравствена организација), како и на ААП (Американската академија на педијатри) се ексклузивно доење во првите шест месеци од животот на бебето, многу мајки се нетрпеливи да започнат со дохранување и воведуваат цврста храна и порано.

Сепак, секое бебе е различно и во различен период ја покажува својата подготвеност за тврда храна, која не зависи само од зрелоста на дигестивниот систем, туку и од развојната подготвеност на бебето.

Бебе

Престанете да гледате во календарот и набљудувајте го вашето малечко. Еве кои знаци ќе ви покажат дека тоа е подготвено за „густа“ исхрана:

  1. Бебето е на возраст меѓу 4 и 6 месеци. Ова е периодот кога дигестивниот систем на бебето е доволно зрел за да може да се справи со тврдата храна. Но, експертите наведуваат и дека на 6-месечна возраст природните резерви со железо на бебето, кои ги собираше додека беше во вашиот стомак, значително намалуваат, а железото во течната храна не може да ги замени. Поради тоа, покрај мајчиното млеко или млечната формула, на бебето му се потребни дополнителни извори на хранливи состојки.
  2. Може да седи со или без помош. Дури и да не може да седи само во столчето за хранење, вашето бебе треба да биде способно да седи исправено со поткрепа за да може добро да голта. Обидете се да го држите во скутот во почетокот, а потоа воведете го столот за хранење.
  3. Има зголемен апетит. Дали вашето бебе покажува знаци на глад дури и откако ќе ги добие потребните 8-10 подои или шишиња дневно?
  4. Може цврсто да ја држи главата исправена. За да ја добие првата нетечна храна, вашето бебе треба да биде способно да ја одржува главата во стабилна и исправена позиција.
  5. Има развиено способност да ви покаже кога е доста. Дали вашето бебе ја врти главата налево-надесно кога не е гладно? Ова е важен рефлекс кој им покажува на родителите кога е време да престанат да му даваат храна на бебето и го спречува евентуалното прејадување.
  6. Покажува интерес кон храната. Кога вие јадете внимателно ве гледа и ги набљудува вашите движења, па дури и посегнува да ви земе од храната.
  7. Ја отвора устата кога ќе му приближите лажичка и ја затвора кога лажичката ќе биде во неговата уста. Вашето бебе не треба да ја турка лажичката со јазикот кога се обидувате да го нахраните. Ако го прави тоа, најверојатно не е подготвено за хранење со лажица.
  8. Може да ја држи храната во устата без да ја плука. На 4-6-месечна возраст најголем дел од бебињата го губат рефлексот со кој ги туркаат објектите надвор од устата. Тој рефлекс ги штити од задушување во првите месеци од животот. Кога еднаш ќе се изгуби овој рефлекс, вашето бебе може да започне да јаде успешно.
  9. Имитира џвакање и сè помалку се лигави. Како што созрева дигестивниот систем на бебето, така тоа развива способност со помош на јазикот да ја носи храната назад во устата и да ја голта. Како резултат на тоа може да забележите дека се лигави значително помалку од вообичаено. Сепак, имајте на ум дека кај некои бебиња на кои им никнуваат запчиња, може да се забележи значително лигавење и покрај тоа што без проблем ја голтаат храната.
  10. Има достигнато здрава тежина. Повеќето бебиња кои ја дуплирале својата родилна тежина или се околу 7kg тешки се подготвени за цврста храна. Тоа може да се случи пред или со полнењето на 6 месеци, но да потсетиме, основен предуслов за воведување на дохранување е бебето да биде постаро од 4 месеци.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20830 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.