Почетна » Семејство » Бебе » 20 фотографии од бебето кои ќе зажалите ако не ги направите

20 фотографии од бебето кои ќе зажалите ако не ги направите

Раѓањето на бебе е бесценет, но страшен момент за секој родител. Непреспани ноќи, неброени обврски, монотон круг од задачи, грижата за едно кревко суштество не е лесна мисија, но е испреплетена со куп прекрасни и возбудливи моменти кои треба да бидат запаметени.

Како детето расте, така во сеќавањата на родителите избледнуваат моментите од развојот на нивното најмило кои некогаш им мамеле насмевки и ги исполнувале со среќа и гордост.

Првата година од животот на бебето лета со брзина на светлината. Деновите кога вашето бебе ќе биде малечко, беспомошно и постојано покрај вас се броени, па искористете го овој период за да создадете слатки фото-спомени. Еве кои фотографии треба да ги направите пред вашето малечко да ја дувне првата свеќичка на роденденската торта:

„Конечно во прегратката на мама“

Постои ли посреќен миг од оној во кој мајката за првпат го зема во раце своето новороденче? Ангажирајте блиска личност која ќе се погрижи да го долови моментот во кој сфаќате дека сте МАЈКА.

Бебе

Во светот на слатките соништа

Што е послатко од заспано бебенце? Спокојството и милоста кои зрачат од овие фотографии имаат незаменлив ефект години нанапред. Сигурно ќе сакате да се потсетите на вашето бебе во оваа позиција во иднина кога нередот, непослушноста или слабите оценки ќе ве вадат од такт.

Бебе

Првиот семеен портрет

И одеднаш вашето семејство брои не два, туку три члена. Не пропуштајте да го фотографирате моментот кога станувате семејство. Токму таа фотографија ќе биде бесценета за вас во иднина, па погрижете се да се најде на страниците од вашиот албум.

Бебе

„Моите мали стапала“

Малечките стапала на бебето брзо избледнуваат во меморијата на родителите бидејќи растат неверојатно брзо. Создавањето отпечаток од стапалата на вашето новороденче, како и нивното фотографирање ќе ве потсетува на малите нешта кои толку многу ве радувале во минатото.

Бебе

Првата средба со баба и дедо

Бебињата ги обожаваат постарите членови од семејството, а бабите и дедовците секогаш несебично ја подаруваат својата безрезервна љубов. Овековечете им ги лицата кога за првпат ќе ја погледнат нивната нова гордост. Скапоцени се и фотографиите со прабабите и прадедовците. Разликата во генерации создава неповторливи фотографии.

Бебе

Мали безгрижни насмевки

Еден од најсреќните моменти за секој родител е кога најмалиот член од семејството за првпат ќе ги развлече усните во обид да ја имитира насмевката на луѓето околу него. Иако секоја насмевка која вашето најмило ќе ви ја упатува во иднина ќе ве тера да го грабнете фотоапаратот, сепак првата е бесценета (иако по малку некоординирана). Штом ќе се појават и првите запчиња, фотографиите од насмеаното бебе стануваат вистинско богатство.

Бебе

Малата рака го стега вашиот прст

Можете и да се фокусирате само на рачињата на вашето малечко, но подобро е вашата рака да биде дел од фотографијата за да биде поочигледна разликата во големината. Секогаш кога во иднина ќе ја гледате оваа фотографија нема да можете да им верувате на своите очи. Колку порано ќе ја направите оваа фотографија, толку подобро.

Бебе

Најоткачената фризура

Косата на вашето дете никогаш повеќе нема да биде иста, па погрижете се таа да остане овековечена (се разбира на интересен начин).

Бебе

Слатка дружба со бате/дада

Моментите кога вашите деца безгрижно си играа и слатко се прегрнуваа и бакнуваа можат да бидат заборавени со доаѓањето на тинејџерските години и братските и сестринските караници и закачки. Дајте си спомен кој секогаш ќе ве потсетува на нив.

Бебе

„Ммм... првата кашичка“

Иако јадењето во иднина ќе му изгледа на вашето бебе како здодевна активност која секојдневно се повторува по неколкупати, сепак првата средба со храната е клучен настан во првата година од животот на вашето бебе. „Замрзнете“ го лицето на вашето малечко во моментот кога открива дека постои и друга храна освен млекото.

Бебе

„Растам многу брзо“

Фотографирајте го вашето најмило секој месец на истото место во домот. Можете да ја ставате до него истата играчка или друг предмет, или пак, да го фотографирате во количката, креветчето, релаксаторот или седиштето за автомобил со цел да биде позабележливо неговото растење. Важно е да ја обележите возраста на бебето на секоја фотографија. Пример, ставете во кадар онолку балони колку што има месеци вашето малечко.

Бебе Бебе

Првото лазење

Периодот во кој бебињата преминуваат од лазење во одење е премногу краток, но можеби најважниот во почетокот од животот. Денот кога вашето бебе ќе започне да се движи низ собата, па макар и на „четири нозе“ е денот кога тоа го прави првиот чекор кон својата независност. Погрижете се тоа да остане негов спомен во иднина.

Бебе

Неодоливите први нестабилни чекори

Моментот кога вашето малечко ќе се оддели од мебелот и самостојно ќе започне да чекори е еден од клучните во неговиот развој. Добро е да го напишете и датумот на овој важен настан на фотографијата. Од технички аспект, добро е да слезете на негово ниво за да доловите како изгледа светот од таа висина. Децата имаат доволно фотографии направени од еден метар над нивните глави.

Бебе

Со саканиот домашен миленик

Децата кои растат со домашен миленик имаат многу среќни спомени од своите влакнести пријатели и развиваат огромна љубов кон животните. Погрижете се врската меѓу вашето малечко и неговиот добар пријател да остане овековечена.

Бебе

Мини верзија: Пресоздајте ваша фотографија

Фотографирајте го вашето бебе во слична поза како позата од вашата омилена фотографија од минатото и двете фотографии ставете ги во рамка една до друга. Веднаш ќе ги забележите сличностите меѓу вас.

Бебе

„Секој има лоши моменти, па и јас“

Сигурно веќе сте забележале дека и вашето малечко има периоди кога е тажно, нерасположено и кога солзите се основниот начин за комуникација со светот. Колку и да е непосакувано намуртеното бебешко лице, фотографирајте го. Еден ден ќе ви мами насмевка, а вашиот албум ќе биде како сликовница која раскажува приказна со среќен крај.

Бебе

„Моите први пријатели“

Бебињата се „најбебешки“ расположени кога се во близина на своите врсници. Насмевки, игри, радост, па некогаш и по некоја солза – ова е момент кога можете да направите најприродни фотографии од вашето најмило.

Бебе

Омилената играчка

Кога бебињата ќе започнат да се поврзуваат со светот, имаат преференции, омилени предмети или играчки кои им влеваат сигурност, им мамат насмевки и со кои го минуваат најголемиот дел од времето. Фотографирајте ја таа врска.

Бебе

„Мојата омилена игра“

Игрите се исто толку важни за бебињата колку и спиењето и јадењето. Фотографирајте го вашето најмило додека го гледа својот одраз во огледалото, како плеска со рацете додека му се криете зад вратата, се обидува да се отскрие кога ќе го покриете со ќебето... ова се бесценети моменти на кои можеби нема да се сеќавате во иднина, но фотографиите ќе ви покажуваат колку среќно било вашето бебе.

Бебе

„Мојата прва роденденска торта“

Уживањето на вашето малечко во првото слатко задоволство, веднаш по дувањето на првата роденденска свеќичка е момент кој мора да остане засекогаш запаметен.

Бебе Бебе Бебе

Секое дете е приказна сама за себе. Погрижете се приказната за вашето бебе да биде на најдобар начин раскажана низ фотографиите во вашиот албум.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20842 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.